Македонското јавно здравство хронично болно

И покрај тоа што во македонското јавно здравство има опрема, пациентите се принудени да се лекуваат во приватните институции, зашто апаратите или не работат или има гужви и треба да се чека со месеци.

И покрај тоа што во здравството со години наназад се вложуваа огромни пари со кои во болниците и клиниките се набави опрема во повеќе области, пациентите најчесто се принудени да одат во приватното здравство зашто апаратите не работат, има гужви и за услуга треба да се чека со месеци или нема реагенси каков што е случајот во ПЕТ центарот во Скопје. Оние што се поснаодливи некако и ќе стигнат до услугите, но останатите пациенти се соочуваат со хаотични состојби зашто условите се различни од болница до болница и некаде има опрема дел просечна, дел современа, а некаде сè недостига. Неодамна во клиничкиот центар недостасуваа и колички со кои пациентите се пренесуваат од болница во болница.

Едни од најскапите вложување во здравството пред неколку години беа во ПЕТ центарот за откривање на рана фаза на малигни заболувања кој според најавите треба да претставува најсовремен, најсложен и единствен објект од ваков тип не само во Македонија, туку и во поширокиот регион, но скен апаратот не е во употреба со образложение дека нема реагенси.

Во македонското јавното здравство во 2010 година, со последниот голем тендер, болниците и клиниките добија нова медицинска опрема во вредност од околу 70 милиони евра, што требаше да ја подобри лошата состојба во болниците, но лекарите сметаат дека техничката и кадровската опременост треба да биде многу подобра. Тие сметаат дека на клиничкиот центар работата мора да биде подобро организирана и предупредуваат дека стручното образование во некои институции и области не ги следи потребите на здравствениот систем.

„Се набавија многу апарати над цената, тогаш во тоа време пред 7-8 години современи и исто така се потрошија и големи средства за промоција. И тоа не единствен проблем. Проблем е што голем дел од таа опрема доста долго стоеше спакувана, еден дел сè уште е спакувана, значи не почната. Има и примери како многу скапи дијагностички машини како ПЕТ скенот во Пет центарот се отпакувани да речам под наводници, тој центар постои, а не функционира“, вели д-р Дејан Ставриќ, офтамолошки хирург, кој има искуство и како синдикален претставник на здравствените работници во Клиничкиот центар.

Неработењето на Пет скенот се случува во време кога постојано се зголемува бројот на малигни заболувања и неколку години по јавното претставувањето на приоритети во македонското здравство.

И изјавата на поранешниот премиер Никола Груевски, во чиј мандат овој проект почна, асоцираше дека ПЕТ центарот е оспособен и целата опрема е набавена за сопствено производство на радиоизотопи, и со тоа ќе биде многу попродуктивен и ќе може да ги продава своите радиоизотопи на околните држави и ќе биде рентабилен регионален центар, но за лекарите не се јасни причините зашто тоа сè уште не се случува.

Инвестицијата за овој центар беше 16 милиони евра, а секоја фаза од процесот беше валидирана, одобрена и сертифицирана од Меѓународната агенција за атомска енергија.

„Проблемот е од формална природа. ПЕТ скенот не работи поради законот за јавни набавки. Треба тендери, тендери тоа треба безобразно долго зашто имаат некаква комисија која е неписмена и ги стопира сите нормални нарачки. Очекувам, зашто разговарам со раководителот, дека наредниот месец ќе почне. Тој ПЕТ скен не само што прави испитување на пациентите, туку и произведува реагенси и ние сме единствен центар во околината кој може да ги произведува тие радиоизотопи. Проблемот е очигледно немаат разбирање да се дозволи тој центар да работи во вистинска смисла како што треба да работи. И што е најинтересно, тоа ќе биде единствена јавна организација која ќе може да остварува добивка. Но, поради формални причини на тендери тој не функционира веќе два месеци. Ако се овозможи тој институт да набавува реагенси и потоа да ги прави радиоизотопите, истите може да ги продава во Бугарија, Грција и Албанија и има веќе нарачки“, вели професор д-р. Милчо Пановски.

Тој е хирург, кој повеќе од 40 години работи на скопската Клиника за абдоменална хирургија. Кон крајот на 2012, кога беше во тек штрајкот на лекарите од скопските клиники, тој беше еден од водачите на протестите.

Во тоа време претходната влада набавката на нови апарати и опрема во здравството ја најавуваше како еден од нејзините најамбициозни проекти. Со големиот тендер за медицинска опрема беше набавена компјутеризирана томографија за повеќе болници, апарати за магнетна резонанца, ангиографи, кардиолошки ехо апарати, гинеколошки 4Д ехо апарати, апарати за анестезија, инкубатори, хируршки маси и други апарати и инструменти.

Дел од лекарите уште тогаш, освен за повисоките цени на набавените апарати, предупредуваа и на непланското купување на опрема, од која дел нова сè уште не е монтирана поради различни причини. Исто така укажуваат на недостатокот на кадар за ракување на опремата и наведуваат дека во повеќе градови од внатрешноста недостасуваат специјалисти.

Во анализата на сегашната состојба во јавното здравство, лекарите пронаоѓаат точки каде се лошите решенија кои треба да се поправат и од таа анализа се гледа дека македонското здравство во некои области ги достигнува и врвните светските стандарди, некаде далеку заостануваме, но особено ги загрижува што купената опрема не се одржува соодветно.

„Опремата која беше купена, за жал веќе е амортизирана, инаку претставува врв во својата област. Имавме добри компјутери на томографија кои овозможуваа реконструкција на васкуларни промени. но одржувањето е проблематично. Така што не знам дали ги задоволува сите стандарди сега што постојат. Интересно е во полето на генетските истражувања, генетската лабораторија е врв во својата област и ние може за многу малигни болести да успееме да направиме т.н. персонализирана медицина. Во другите области за жал, иако нашата клиника ја воведе лапараскопијата во 92 година, опремата што ја имаме е веќе застарена. Таа е ха-де технологија, а сега имаме 4К технологија. Колегите од гастро за жал опремата која ја имаат е недоволна по број за ендоскопски испитувања, а да не кажеме какви сè нови апарати има“, вели професор Пановски.

Професор Спасе Јовковски, кој долги години работи во Клиничкиот центар како неврохирург, укажува дека основна цел треба да биде воспоставување ефикасен здравствен систем кој ќе биде самоодржлив и правичен, но и транспарентен. Тој вели дека треба да се постават и параметри каде треба да има болници според бројот на жители и потоа мора да се утврди што мора да се обезбеди за секој осигуреник со основниот пакет. Професор Јовковски вели дека во делот на опременост јавниот здравствен систем е ефикасен и ги задоволува потребите, но болна точка е лошата организација. Осврнувајќи се на ПЕТ центарот, тој го оквалификува како луксуз, укажувајќи дека тоа се прави таму каде што има можност за производство на реагенси зашто радиоизотопите имаат многу кратко време на траење. Што се однесува на можностите за оперативно лекување на други сложени операции, неврохирургот Јовковски вели дека не е проблем опремата, ниту кадарот, туку немањето логистиката во здравствениот систем.

„Магнетната резонанца, компјутерската томографија се на сосем соодветно ниво, но има злоупотреби од незнаење или од конформизам на колегите кои праќаат сè и секого и за што било. Затоа има долги редови на чекање. Што се однесува до можностите за оперативно лекување на сложени операции, не е проблем ми се чини дури ни кадарот, ниту опремата, туку соодветни услови, логистика со интензивна нега 24 часа итн. Не може да имаме европско ниво со овој буџет што го има фондот. Но, ние со рационално работење може да постигнеме соодветни резултати, проблем е организацијата. Има земји како Словенија каде нема упатување на лекување во странство“, вели професор Јовковски.

Во анализата за сегашната состојба, тој ги наведува пропустите кои треба да се поправат, а од таа анализа се гледа дека фаворизацијата на приватното здравство ја отежнува реализацијата на многу дејности во јавното здравство.

„Технологијата не е проблем, дури и кадарот не е проблем, мислам дека несоодветното поставување на здравствениот систем кога се фаворизираат приватните здравствени установи и одливот на лекари и логистиката во јавните здравствени установи која не е на ниво кое треба да ги подржи интервенциите“, вели професор Јовковски.

Во меѓувреме граѓаните се жалат дека застарениот, неефикасен и нефункционален здравствен систем ги принудува да се лекуваат во приватните здравствени установи. Но, приватното лекување поради лошиот стандард на живот за најголем дел од граѓаните е недостапно и голем дел од нив не се во можност да се лекуваат на адекватен начин.

Незадоволството на пациентите често е поврзано со увоз на сомнителни лекови со паралелен увоз, болници без лекари, недоволно медицински сестри, недостиг од реагенси, лекови и материјал за работа, преполни амбуланти, промени на системот за закажување Мој термин

Со години наназад најголема аномалија на македонското здравство е што управување со здравствените установи во целост е подредено на политиката на партијата на власт, па менаџерите и управните одбори повеќе се партиски подобни отколку способни и тоа резултира со незадоволство на вработените, синдикатите, па реформите не се прават врз основа на медицинската пракса и потребите на пациентите.

Лекарите сметаат дека сите реформи досега пропаѓаа поради партизацијата во јавните установи, а истовремено дека првите луѓе во овој ресор и управниците и директорите многу често немаа знаење за професијата. Тие велат дека новата администрација треба да најде модел со кој државата ќе ги искористи сите ресурси во корист на нејзините осигуреници и со кој ќе се зголеми квалитетот во јавното здравство.

„Треба да се зајакне јавното здравство, но со професионалци, не со партиски кадри. Треба да има соодветен број лекари и сестри за да им дадат нега на пациентите, зашто по сложени операции третманот е многу значаен во првите седум дена. Потребна е контрола и во здравствените установи и во фармацевтската индустрија. Тие не се синхрони. Точно треба да се знае кои и колку реагенси требаат. Или нема да се стигнат да се набават реагенси или кога ќе стигнат застаруваат. Проблем е несоодветна организација, зашто не се вработуваат да работат професионалци туку партиски луѓе“, вели професор Јовковски.

Д-р Ставриќ, кој беше синдикален лидер на Клинички центар и ги предводеше протести поради незадоволството на лекарите од реформите во времето на поранешниот министер Никола Тодоров, вели дека состојбите во здравство не се сменети ниту со новата администрација.

„За жал мора да кажам дека и во новата влада нема никакви промени во дел на тоа. Сведоци сме во областа на здравството дека има поставување во најголем дел на институциите партиски директори. И така нема некој филтер да дојде квалитетот до израз“, вели д-р Ставриќ.

Паралелно со партизацијата на здравството во изминатиот период незадоволството од лошите услови за работа, ниските плати и недостатокот на континуирана едукација резултира и со заминување на здравствените професионалци во кои се вложувани големи финансиски средсва. Тоа дополнително го намалува квалитетот на пружање на здравствени услуги, вели професор Пановски.

„Луѓето. Основен двигател на еден здравствен систем се луѓето. Ние знаеме дека најголем дел на луѓето напуштија и отидоа во странство. Другите кои се тука го изгубија ентузијазмот. Политиката ги уништи сите аршини за квалитетен избор на кадар. Не знам како ќе се извлечеме од оваа ситуација. Зашто да создадете квалитетен кадар ви треба најмалку 10 до 15 години“, вели тој.

Упатените велат дека македонскиот фокус треба да биде на овозможување одржливо здравство, додавајќи дека тоа досега не е направено зашто имаме политички партии кои меѓусебно се опструираат. Покрај барања да не биде подредено на политиката, лекарите укажуваат дека треба да се обезбеди и отчетност на трошењето на парите во јавното здравство.

Треба да се направат јасен план и стратегија за развој на здравство, а тоа пред сè подразбира серозни реформи во финансирање, вели д-р Ставриќ, кој во своето образложение наведува дека 30 години наназад финансирањето е прекриено со магла.

„Ние како осигуреници не знаеме каде ни се парите, а знаеме со сигурност дека од тие скоро 400 милиони евра годишно кои граѓаните ги издвојуваат во фондот, третина до половина не се знае каде одат. Односно се знае, не одат за лекување на осигурениците, ниту одат за лекарите и персоналот, односно институциите во кои се вработени. Ако пресметате на годишно ниво, 100 милиони фалат, тоа е јавна тајна“, вели Ставриќ.

Инаку во изминатиот период хроничните проблеми во здравството испливаа на површина откако претходниот министер д-р Арбен Таравари, беше избран за градоначалник на Гостивар, а здравството речиси четири месеци беше без челната позиција. Јавноста беше сведок на реакции на болни од ретки болести кои со месеци беа оставени без лекови поради пропусти во набавките. Болните од дијабет повеќе пати укажуваа дека доцни доставата на инсулин во инсулинските аптеки и дека се сомневаат во квалитетот на лековите што ги примаат, кои со паралелен увоз се носат од Турција.

Црниот биланс од починати новороденчиња и деца исто така ги алармираше здравствените институции да ги детектираат проблемите во здравствениот систем и да се види дали недостасува екипираност, опременост, просторни услови за работа или ниво на стручност.

Партиите продолжија меѓусебно да си ја префрлаат вината за лошите состојби во македонското здравство, но лекарите велат дека тоа е хроничен проблем кој се провлекува години наназад.

Здравството во изминатиот период добиваше критики од лекарите и поради воведувањето на казните за лекарите, со укажувања дека тие биле воведени за да се направи репресија, а оти доказ за тоа е дека се измислувале казни.

Останува да се види дали новата администрација на министерот Венко Филипче ќе ги реализира политиките засновани на идеите за правично здравство во кое осигурениците со парите кои ги плаќаат за осигурување ќе наидуваат на отворени врати во јавното здравство. Македонија во уставот е дефинирана како социјална држава и тоа секоја Влада треба да ја обврзува да овозможи концепт за подеднакви и квалитетни здравствени услуги за сите граѓани.

Развојот на технологијата и социјалните мрежи донесоа брз подем и во други области. Една од најизразените е здравствената индустрија, односно лекувањето, секако за оние што можат да си ги дозволат новите достигнувања. Како и да е, сето тоа ќе придонесе и за поинакво организирање на здравството во некои земји, велат експертите.

Гоце Атанасов

Една израелска компанија за таканаречена телемедицина се обидува да ги замени милијардите посети и прегледи на доктор, со нов уред што им дозволува на пациентите точен самопреглед од дома. Уредот наречен „Тајто“ им овозможува на пациентите да ги измерат нивните сопствени витални функции, пулсот и температурата, но и да извршат испитувања на органите како ушите, грлото и белите дробови, со голема точност.

Еден од директорите на фирмата „Тајтокер“, Деди Гилад вели:

„Ние во основа ја реплицираме директната интеракција со оддалечен клиничар, дозволувајќи му да изврши целосен физички преглед, анализа и дијагноза на пациентот дома“, вели тој.

Освен тоа, според Гилад, уредот овозможува собирање и размена на собраните податоци со што се создава досега невидена широка платформа за нивна корелација. Телемедицината бележи растечки тренд во здравствената индустрија, користејќи нови технологии за подобрување на услугите за пациентите, како и за намалување на трошоците за здравствено осигурување. За пациентите, но и за лекарите, уредот овозможува и значително намалување на трошоците.

Во Соединетите Држави има околу 800 милиони прегледи кај матичен доктор годишно. Таков основен преглед просечно чини 170 долари. Со телемедицината трошоците се сведуваат на 50 долари, но се елиминираат и други трошоци како престој во амбуланта или вработување дополнителен персонал во клиниките.

Тајто уредот беше тестиран и во израелската детска болница „Шиндлер“. Директорот на итната помош во оваа болница професор Јехецкел Вајсман вели:

„Она што го откривме беше навистина извонредно, речиси и да нема разлика помеѓу двата вида прегледа“, вели тој.

Сепак, тој предупредува на технолошките ограничувања.

„Постојат одредени болести и жалби кои не можат да бидат одговорени од ваков вид уред и ние треба внимателно да судиме од случај до случај и да бидеме свесни за ограничувањето на овој уред“, вели тој.

Како и да е, пазарот со телемедицина се очекува од сегашните 23 милијарди да порасне на над 50 милијарди до 2021 година. Критичарите пак велат дека телемедицинската дијагностика би требало да биде лимитирана, оценувајќи дека реална средба со доктор секогаш ќе биде супериорна.