Протест на „Тврдокорни“ против Законот за јазици, договорот со Бугарија и преговорите со Грција

Со интонирање на македонската химна и среден прст кон Собранието Тврдокорни и Македонски обединети сили го започнаа протестот пред законодавниот дом. Ги прочитаа имињата на пратениците од СДСМ кои гласаа „За“ Законот за јазици и им порачаа да престанат со анти- македонска политика.

„Македонскиот народ се уште не си го знае вистинскиот непријател.  Нашите вистински непријатели седат во таа зграда позади вас – Собранието и Владата на Република Македонија и веќе 27 години си го уништуваат сопствениот народ и држава“, вели претставник на „Тврдокорни“

Покрај Законот за јазици за кој тврдат дека води кон двојазичност и редефинирање на државата, демонстрантите се и против ратификувањето на Договорот за добрососедство со Бугарија и, како што велат, распродавањето на македонската историја.

„Од нашиот македонски народ кој што живее во дијаспората е страотно загрижен и жестоко реагира на  моменталната состојба. Ќе стори се во своите можности да се приклучи во отпорот не штедејќи ги своите сили затоа што   сите знаеме дека сме со нив. Со денешново обединување на македонскиот народ борбата за Македонија допрва започнува“, вели претставник на „МОС“

Протестот го поддржаа неколку стотина граѓани, поради што организаторите повикаа на масовност. Очекуваат во следните чекори да им се приклучат повеќе граѓани, кои ќе се спротивстават на преговорите со Грција и евроатлантските интеграции на земјава.

„Војна се води и со договори и преговори на маса или на тркалезна маса каде што сега се распродава Македонија. Сакаат Македонија да ја умрат пред наши очи, а всушност не умира земјата како поим умираме ние  како народ. Нема да дозволиме други да решаваат. Ниту името сме го добиле на референдум ниту јазикот ни е позајмен па сега да го вратиме“, вели претставник од „За Заедничка Македонија“

На крајот од протестот, беше запалено знамето на Европската унија – потег кој останатите демонстранти го поздравија со аплауз и клетви кон Албанците.

Дел од демонстрантите пак се фотографираа со запаленото европско знаме. Инаку гласањето на Законот за јазици беше проследено со помалку масовен протест на Тврдокорните пред Собранието, по што до денеска дел од нив кампуваа во шатори во паркот Жена борец.