Албанските партии против преквалификација на случајот со малиот Алмир

Албанските политички партии се противат на евентуалната преквалификација на случајот со малиот Алмир Алиу, од “убиство” во “сообраќајна несреќа со смртна последица”. По веста на Алсат М, од албанските партии велат дека тоа би ја одразило лошата состојба на судството во Македонија. Од ДУИ инсистираат на вината на сторителот имајќи ги во предвид доказите како што се постоечките видео материјали.

„Овој обид е неприфатлив и апелираме до Обвинителството да се повлече од овој неправеден напор и судите да не прифатат таква скандалозна иницијатива. Токму овие активности се аларм за бедната состојба на органите на владеењето на правото и ја прави неопходна темелната реформа за да се спречат вакви коруптивни дела од страна на оние кои треба да бидат бранители на законот и правдата. Починатиот Алмир и неговото семејство, заедно со сите нас, бараме правда за намерното убиство за кое постојат докази кои не можат да се негираат или игнорираат од било кој обвинител или судија.“ – соопштија од ДУИ

Од Алијанса за Албанците велат дека немањето правдата се истакнува во случаите кога станува збор за Албанци. Тие бараат од Владата да се посвети на решавање на случајот и на сите други судски процеси.

„Тоа е доказ дека во однос на Албанците не планираат да се реформира ниту Владата, ниту судскиот систем. Се продолжува со старата парадигма изградена во текот на годините. Го замолуваме премиерот Заев да остави слободно да функционираат правосудните институции.“ – велат од Алијанса за Албанците

Зборот „реформи“ во правосудството би немало смисла ако монструозниот случај на убиството на четиригодишниот Алмир се преквалификува, велат од Движењето Беса.

„Едноставно не сакаме да веруваме дека некој ќе собере храброст да го преквалификува монструозниот случај на убиството на малиот Алмир. Во случај на разгледување за да се намали казната на убиецот, тоа би било голем удар за правниот систем и враќање назад по долгоочекуваните реформи во судскиот систем. Тука ќе се тестира волјата и заложбата за вистинска реформа во правосудниот систем во Македонија. Секој кој ќе собере храброст да направи потег за ублажување на казната на убиецот на Алмир, ќе треба да сноси морална и кривична одговорност.“ – изјавија од Движење Беса

Македонскиот политички блок молчи. ВМРО-ДПМНЕ не сака да коментира ништо во врска со настаните во обвинителството и евентуалната преквалификација на случајот. Ниту СДСМ не виде потреба да одговори на прашањата на Алсат М телевизија за тоа како ја коментираат распределбата на јавните обвинители врз основа на етничка припадност и кој е нивниот став за можната квалификација. Пред два дена Алсат М дозна дека обвинителите во Основното и Републичкото обвинителство се поделени по етнички линии. Обвинителите Албанци настојуваат случајот да остане како кривично дело „убиство“, а другата страна – обвинителите Македонци бараат преквалификување во „сообраќајна несреќа со смртна последица“. Во ситуација на длабоки недоразбирања, обвинителите Албанци според нашите извори, биле надгласани. Од 10 обвинители, 4 гласале „против“, а 6 други, вклучувајќи го и главниот обвинител, инсистирале на следната седница делото да биде преквалификувано. Станува збор за случајот од 25 јули 2016 година во Куманово, кога лицето Бобан Илиќ со своето возило го прегази четиригодишниот Алмир Алиу. Несогласувања и одложувања имаше и пред Нова Година, додека донесувањето на одлуката последниот пат беше одложена сè до изборот на новиот јавен обвинител, Љубомир Јовевски, оставајќи му простор да го разгледа случајот. Но, на средбата со новиот обвинител, како што дознава Алсат и Јовевски бил на страната на групата која барала преквалификација на случајот. Обвинителите Албанци, како што се дознава, ги претставиле своите аргументи против, вклучувајќи го и видеото од видео-надзорот кај болницата каде се гледа како обвинетиот смртно го прегазува четиригодишниот Алмир. Трагичниот настан се случи по банална расправија пред Ургентниот центар во Куманово помеѓу семејството на жртвата и семејството на обвинетиот.