ВМРО-ДПМНЕ пред Столтенберг се пожалиле за политички прогон

Македонија е единствената земја во Европа во која се врши жесток прогон врз опозицијата. Ова го истакнала делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ на средбата со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Владимир Ѓорчев на прес-конференција, средбата ја оцени како конструктивна и истакна дека стратешка определба на опозицијата останува членството на Република Македонија во НАТО алијансата.

„Први бевме кои јасно дадовме до знаење дека треба да бидеме членка на НАТО и ЕУ. Ние ги поддржуваме сите чекори кон НАТО. Со Столтенберг зборувавме и за политичкиот прогон. Македонија е единствената земја во Европа во која се врши жесток прогон врз опозиција, се затвораат пратеници, полициски и собраниски службеници. Ставот на ВМРО-ДПМНЕ е познат – во Македонија нема слобода, туку режим ,па затоа апрлираме да заврши политичкиот прогон за да се создадат услови за враќање на опозицијата во Собранието“, истакна Ѓорчев.

Координарот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ додаде дека на средбата не станало збор за Законот за јазици, меѓутоа посочи дека одлуката на претседателот Ѓорге Иванов е повод повторно да се отвори дебата за Законот во Собранието.

Ѓорчев додаде дека опозицијата ги разгледува сите опции за да се покрене иницијатива пред Уставниот суд.