Бугарски парламент: Критики и пофалби за договорот со Македонија

Парламентот во Софија денеска едногласно го ратификуваше Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Бугарија и Република Македонија.

За ратификација на Договорот за добрососедство со Македонија гласаа 186 бугарски пратеници. Министерката за надворешни работи Екатерина Захариева по гласањето им се заблагодари на сите кои работеле на договорот во текот на изминатите години. Според нејзе, интерес на Бугарија е „стабилна, демократска и пријателска Република Македонија“. Одговарајќи на забелешките на неколкумина пратеници во врска со договорот, Захариева рече дека тие се совпаѓаат со тезите на опозицијата во Македонија. Според нејзе, очигледно е дека „со антибугарска политика веќе не се добиваат избори во Македонија, што дава надеж дека тоа ќе остане трајна политика“. Министерката треба редовно да го информира Собранието во Софија за исполнувањето и напредокот во врска со преземените обврски од договорот.

Во текот на дискусијата околу Договорот, заменик претседателот на Собранието, Валери Жабљанов (БСП), рече дека е „крајно време да се запрат фанфарите кои ги слушаме 6 месеци“ и дека со договорот се „рехабилитира македонизмот, тој се базира на него и признава постоење на два одделни народа, два јазика“. Жабљанов смета дека договор треба да има, но дека актуелниот договор е „недоносче“.

Јулијан Ангелов (Обединети патриоти) пак, е уверен оти договорот „ќе ги заштити и бугарските интереси и Бугарите во Македонија“. „Во договорот многу јасно е напишано како се докажуваат моменти до историјата на Македонија и Бугарија – врз база на автентични документи“, потенцираше тој.

Пламен Манушев (ГЕРБ) потсети дека Бугарија прва ја признала Македонија и реторички праша дали е возможно враќање назад. „Овој договор дава можност да запре антубугарската пропаганда во Македонија“, рече тој. Според Манушев, договорот не е „предавство“, туку напротив – тој е “историски пробив во односите меѓу два братски народа, две братски држави“.

Македонскиот парламент го ратификуваше договорот на почетокот на неделава, со 61 глас. Договорот за пријателство, добрососедство и соработка беше потпишан на први август 2017 година.