Повторената судска постапка за „Монструм“ стартува на 12 февруари

За 12 февруари Основниот суд го закажа судењето за случајот „Монструм“ за петкратното убиство кај Смилковските езера. Судењето стартува од почеток, а ќе го суди судијата Огнен Ставрев. Врховниот суд ја укина првостепената и второстепената пресуда и предметот го врати од почеток.

Алил Демири, браќата Африм и Агим Исмаиловиќ, Сејди Рами, Фејзи Азири, Хаки Aзири и Сами Љута се обвинети за петкратното убиство кое на на 12 април 2012 година, Велики четврток, се случи кај Смилковските езера. Полицијата ја спроведе акцијата под кодното име „Монструм” во мај, 2012. Седуммината обвинети се товарат за тероризам. Според обвинителството мотивот за свирепото убиство е предизвикување чувство на страв и несигурност кај граѓаните. Со првостепената одлука која денес Врховниот суд ја укина, шестмина добија доживотен затвор, а Сејди Рами беше ослободен од обвинение.

По обвинетите Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, кои се осомничени дека се сторители на делото, полицијата распиша потерница. Тие на Косово беа осудени за нелегална трговија со оружје и откако ја одлежаа казната, излегоа на слобода.

Но тие никогаш не беа екстрадирани и сè уште се водат како недостапни на органите на прогонот. Нивните имиња пет години се наоѓаат на листата на потраги на официјалната веб-страница на МВР.