„Tврдокорните“ в недела ќе протестираат против двојазичноста и албанизацијата на Македонија

В недела на 21 јануари во 13 часот пред Собранието патриотското здружение „Тврдокорни“ и „Македонски обединети сили“ повикуваат на протест на социјалната мрежа „Фесјбук“. На групата, во која засега се пријавиле дека ќе учествуваат приближно 200 граѓани, а над 400 се заинтересирани, е објавено дека настанот за протестот против двојазичноста првично бил избришан. „За помалку од 24 часа настанот беше виден од 150 илјади луѓе и повеќе од 1.700 беа заинтересирани или најавија присуство. Сигурни сме дека зад ова се крие власта. Но, не се откажуваме и продолжуваме, очигледно е дека се плашат од нас“, пишува во објавата на „Фесјбук“.

„Браќа Македонци, ве повикуваме да ни се придружите на протестот против двојазичноста. Слушнете го плачот на мајка Македонија и дојдете в недела на 21 јануари во 13 часот пред Собранието“, се додава во поканата. „Двојазичноста е губење на македонскиот карактер на државата. И не само тоа, со двојазичноста директно ја губиме и самата држава! Со двојазичноста де факто стануваме трета албанска држава на Балканот. Македонија по секоја цена треба и мора да остане дом на македонскиот народ“, се додава во објавата. Која е причината албанскиот да биде службен јазик во Гевгелија, Валандово, Струмица, Кочани, Штип, Радовиш, Берово, Крива Паланка, прашуваат организаторите во објавата за настанот.