Осма смрт на затвореник во Идризово за една година

За Европскииот центар за правата на Ромите смртта е сомнителна и ќе го изнесат неговиот случај пред суд, како дел од колективна тужба која вклучува смрт на тројца други затвореници Роми против Управата за извршување санкции при Министерството за правда

Беким Демир, 39-годишниот Ром, починал од предозирање во затворот Идризово само неколку дена пред да биде пуштен на слобода. Тој е осмиот затвореник кој починал во КПУ Идризово во 2017 година и четвртиот Ром кој починал во македонските затвори во период од само 9 месеци, тврдат во Европскииот центар за правата на Ромите со седиште во Будимпешта.

Од ЕЦПР соопштија дека ќе го изнесат неговиот случај пред суд, како дел од колективна тужба која вклучува смрт на тројца други затвореници Роми против Управата за извршување санкции при Министерството за правда.

„Повторно, околностите околу смртта на еден Ром се сомнителни и несигурни. Семејството на Беким добило телефонски повик од него на денот кога починал. Тој им кажал дека имал тешкотии при дишењето откако лекарот во затворот му дал две инјекции од кои се чувствувал парализирано. Го замолил своето семејство да дојде во затворот за да го спаси.

“Неколку недели пред неговата смрт, Беким му се пожалил на своето семејство дека чуварите и лекарите во затворот го малтретираат. Чуварите рутински го тепале и му се обраќале со етнички навреди, тврди неговото семејство кое ги видело белезите на неговиот грб. Исто така, тој се жалел на постојани болки во стомакот и нозете, за што лекарите одбивале да му дадат медицинска нега, дури го малтретирале затоа што барал помош. Еднаш, лекарот наводно му рекол на неговиот претпоставен „нека оди по ѓаволите, изнеси го, сите тука се болни, не ми е гајле дали ќе умре““, тврдат во ЕЦПР.

Беким отслужувал 3-годишна казна затвор за кражба и немал сериозни здравствени проблеми пред да биде примен во КПУ Идризово, каде при посетите семејството забележало дека со текот на времето неговото здравје се влошува. Тој има две ќерки на 12 и 4 годишна возраст.

„Македонија веќе беше предупредена. Континуираната смрт на млади Роми во нивните затвори не помина незабележано, и ние нема да дозволиме ова да помине туку-така. Тие знаат дека тоа што го прават е погрешно, а веќе имаат платено оштета за смртта на затвореник Ром во многу сличен случај. Доколку Министерството за правда не нареди соодветни истраги, ќе видиме што судовите имаат да кажат за случајот. Ако одбијат да ја задоволат правдата, овие случаи ќе ги изнесеме пред Европскиот суд за човекови права“,рече претседателот на ЕЦПР, Ѓорѓе Јовановиќ.

Од ЕЦПР сметаат дека смртта на овој млад човек многу наликува на околностите на смртта на други двајца Роми оваа година, тоа се 25 годишниот Јусинов Ердал и 21 годишниот Андриас Реџепов. И двајцата починале поради предозирање со лекови против болка, и двајцата ги обвиниле чуварите и лекарите во затворот за малтретирање и на двајцата наводно им била одбиена медицинска нега во часовите пред нивната смрт.

Станува очигледно дека македонските власти се или неспособни или неподготвени целосно да ја истражат смртта на овие затвореници Роми и доколку е потребно, да ги гонат лицата кои се одговорни за тоа. Од ЕЦПР сметаат дека постои неверојатно голем број докази кои упатуваат на институционално насилство врз припадниците на ромската етничка заедница. Неуспехот соодветно да се истражат околностите во овие смртни случаи претставува прекршување на многу национални закони, како и на член 14 (право на недискриминација) од Европската конвенција за човекови права, заедно со член 2 (право на живот) и член 3 (забрана на тортура), предупредуваат од Европскиот центар за правата на Ромите со седиште во Будимпешта.