Претседателот на државата, Стево Пендаровски, ќе побара од Владата да прогласи кризна состојба на цела територија на државата. Според објаснувањето, тоа ќе значи дека Армијата ќе има можност да им помага на здравствените власти и да дејствува заедно со полицијата. Од друга страна, се отвора и можноста Владата да управува со приватните здравствени установи со цел справување со пандемијата.
„По исцрпната дискусија во која учествуваа сите членови, донесовме заклучок, Советот за безбедност да предложи на Владата да прогласи кризна состојба на целата територија на Република Северна Македонија во времетраење во 30 денови“, рече Пендаровски.
Тој појасни дека кризна состојба веќе има на две македонски граници со цел спречување на мигранти и бегалци, каде полицијата и војската работат заедно.
„Во моментов ние имаме прогласено кризна состојба на северната и јужната граница во врска со илегалните преминувања на мигранти и бегалци. На тие подрачја, полицијата и војската работат заедно. Откако ќе биде декларирана кризна состојба на цела територија, ќе биде овозможена на целата територија на земјата. Армијата веќе дава поддршка на здравствените институции и полицијата, но во лимитиран обем. Откако ќе биде прогласена кризната состојба, тогаш Законот за одбрана и Законот за управување со кризи посебно даваат поширок можности за поддршка на надлежните институции, пред се здравствените“, додаде Пендаровски.
Премиерот, Зоран Заев, кажа дека предлогот за кризна состојба ќе се најде на владина седница најдоцна до утре.
Пендаровски, исто така, потенцираше дека управувањето со приватните здравствени установи не значи нивна национализација.
„Втората важна разлика е што Владата ќе може да управува со ресурсите на државната управа, јавните претпријатија, општините и градот Скопје, како и приватните здравствени установи. Не станува збор за национализација на приватните болници, туку за управување со нив во битката со пандемијата, во обем во кој Владата ќе оцени. Приватната сопственост е гарантирана со Уставот и тука не станува збор за менување на сопственоста“, рече Пендаровски.
Воведувањето на полициски час не зависи од кризната состојба, кажа Пендаровски, додавајќи дека за тоа одлучува Владата.
„Воведувањето на кризната состојба на цела територија нема никаква врска со т.н. полициски час и евентуално воведување на рестрикции во движењето. Тоа е надлежност на Кризниот штаб и Владата, како и на Комисијата за заразни болести“, објасни претседателот.
Во донесување на заклучокот да се предложи донесување на кризна состојба, Пендаровски вели дека учествувале сите членови на Советот за безбедност.
„Министерот Филипче информираше за капацитетите и ресурсите кои се употребени во здравствениот сектор, реорганизација на болниците, приемот на големиот број на заразени лице. Премиерот Заев информираше за другите ресори кои се насочени кон справување со коронавирусот и сценаријата за наредните денови и недели. Не треба да кажуваме, сите знаеме, дека состојбата со коронавирусот е исклучително сериозна. Тоа што во цела Европа и светот е далеку полоша од пролетниот пик, не значи дека не треба да размислуваме евентуално за нови мерки или да ги преиспитуваме постојните за да го ограничиме ширењето на коронавирусот“, рече Пендаровски.