Димитриевски: Под директива на Филипче, нашите членови и поддржувачи се под притисоци и предупредувања

Димитриевски: Под директива на Филипче, нашите членови и поддржувачи се под притисоци и предупредувања

пред 1 месец

Во овие денови добивам стотици пораки од наши членови и поддржувачи, луѓе кои се повикуваат на разговори, на „предупредувања“, на притисоци. И сето тоа под директива на Венко Филипче и сегашното раководство на СДСМ. Наместо визија, тие нудат страв. Наместо идеи, уцени. Наместо дебата, хајка, истакна денеска Максим Димитриевски, лидерот на Движењето ЗНАМ- За наша Македонија.

„Ви ветувам, овие тактики ќе Ве поразат, но нема да ја поразат Македонија. Нема да успеете! ЗНАМ не се плаши. Нашите членови не се плашат. Македонија нема да се плаши! Секој обид за заплашување само ја зајакнува нашата борба. А тоа е Вашиот страв, затоа што знаете дека народот повеќе не Ви верува, дека ЗНАМ расте, а Вашиот систем се распаѓа“.

Димитриевски кажа дека пред една недела го повикал лидерот на СДСМ, Венко Филипче, на ТВ-дуел.

„Не заради мене, не заради партија — туку заради Македонија. Да ги соочиме аргументите, да зборуваме отворено, пред народот, за она што ни е најсвето – нашата држава, нашиот идентитет, нашата иднина. Седум дена поминаа од тогаш. Седум дена молк. Седум дена тишина – таму каде што требаше да има храброст. И тоа кажува сè. Затоа што, кога ќе молчиш за вистината – молчиш и за Македонија. А ние, во Движењето ЗНАМ, нема да молчиме. Нашата должност е да зборуваме, да предупредуваме и да браниме. Пред извесен период, пред сите политички партии во државата, ја претставивме Националната платформа за заштита на македонските национални интереси. Во неа не ставивме партиски интереси, туку историја, чест и иднина.
Таа платформа ја испративме со почит, со надеж дека ќе биде почитувана. Но господата од СДСМ ни ја вратија – неотворена. Не ја прочитаа. Не ја допреа. Не ја почувствуваа. И истите тие се дрзнуваат зборуваат за „црвени линии“. А линиите што тие ги влечат – се линии на поделби, на отстапки, на целосно распродавање на македонските интереси“.

Не сум човек што молчи, додава Димитриевски и повторно го повика Филипче на соочување.

„Избери медиум, избери време, избери место! Како помош и логистика земи го со тебе и твојот ментор Зоран Заев, дури ако сакаш – може да се соочиме и на Бихаќка – биди опкружен и со 200 партиски активисти околу тебе – од кои најголемиот дел секојдневно вртат кај нас во ЗНАМ и бараат спас од вашите небулозни чекори.

Знам дека е тешко да се излезе од луксузот во кој живееш, лесно е да се ужива под сонцето на Дубаи, да се возат мотори и да се плови на јахти, но Венко – има нешто поважно од сето тоа. Овојпат не се работи за комфор и забава, овој пат станува збор за Македонија! Одважи се, покажи доблест, излези и погледни му на народот во очи! Јас ќе те очекувам со вистината, со документи, со љубов кон оваа земја. Да му покажеме на народот кој има визија за Македонија, а кој само пласира туѓи сценарија! Не барам конфликт, барам одговорност. Одговорност пред историјата, пред граѓаните и пред идните генерации. Немаме резервна татковина. Оваа земја – нашата земја – ја наследивме со жртви, со крв и со борба! Нашата должност е да ја чуваме, да ја надградуваме и да ја оставиме подобра на нашите деца“, посочи лидерот на ЗНАМ.

Текстот Димитриевски: Под директива на Филипче, нашите членови и поддржувачи се под притисоци и предупредувања е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top