Заев на средба со Мицотакис во Атина

пред 2 дена

Премиерот Зоран Заев, кој престојува во дводневна работна посета на Грција со владината делегација денеска ќе разговара со премиерот Киријакос Мицотакис и со претседателката на Грција Катерина Сакеларопулу. Заев учествува на 24-та тркалезна маса со грчката влада, организирана од магазинот „Економист“ за борбата против пандемијата со Ковид-19 и нејзиното влијание врз глобалната и европската економија.

На панелот учествуваат и поранешните претседатели на Србија и Црна Гора, Борис Тадиќ и Филип Вујановиќ, поранешниот премиер на БиХ, Златко Лагумџија и спикерот на грчкиот парламент, Дора Бакојани.

Во македонската делегација се и вицепремиерите за економски и европски прашања, Фатмир Битиќи и Никола Димитров и министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Првиот работен ден на конференцијата на угледниот „Економист“ во Атина заврши со констатација дека во критични времиња, предизвикани од пандемијата со Ковид-19, народите од Европа мора да бидат здружени во справувањето со заканата по здравјето на граѓаните, на јавното здравје, на економијата и на општественото живеење.

Со поранешен премиер на Грција, Алексис Ципрас и со поранешниот претседател на Франција, Франсоа Оланд, Заев информраше дека на свечената вечера се согласиле дека ова е време кога заедно со националните интереси на секоја земја, ги споделуваме и солидарноста и кохезијата за да направиме уште еден чекор напред кон подобра заедничка иднина.

„Пандемијата со Ковид-19 значително го промени нашето секојдневие, но заедно сме тука за да станеме посилни, за да ја совладаме и победиме заканата која предизвика здравствена, економска и социјална криза. Заеднички ја исцртуваме стратегијата за да излеземе од кризата посилни и со продлабочено пријателство од справувањето со кризата“, објави Заев на Фејсбук.

Конференцијата на угледниот магазин „Економист“ како тркалезна маса со Владата на Грција и учесници од регионот, оваа година е посветена на темата „Европа: Зајакнување на кохезијата во турбулентни времиња“ и е вруток на идеи и насоки за брз и ефикасен излез од кризата предизвикана од пандемијата со Ковид-19.

Од конференцијата се очекува и придонес во креирањето на новата стратегија за кохезија и заедништво на Европската Унија, како и за клучната улога на јавните здравствени политики за успешно спроведување на излезните стратегии со Ковид-19.

Share
Scroll to Top