Минатата година во стопанството се слеале 397,4 милиони евра по основ на поврат на ДДВ кон фирмите, информираат од Министерството за финансии.
„И покрај тоа што 2020 беше кризна година, минатата година има најголем поврат на ДДВ како процент од бруто наплатениот данок во споредба со изминатите години, додека исплатата се одвиваше редовно и без застои“, се наведува во соопштението.
Во него се додава дека во 2020 бил извршен поврат на скоро 34% од бруто наплатениот данок на додадена вредност.
„За споредба, во 2019 година извршен е поврат од 32%, во 2018 од 31%, во 2017 од 28%, во 2016 од 26% и во 2015 година од 28%“, нагласуваат од ресорното министерство.
Од таму посочуваат дека гледано во апсолутен износ, минатата година бил извршен поврат на 397,4 милиони евра, во 2019 година повратот изнесувал 403,9 милиони евра, во 2018 од 375,8 милиони евра, во 2017 година – 315 милиони евра, во 2016 – 280 милиони евра и во 2015 година – 283,5 милиони евра.