Бочварски: Не еден, туку двата коридори се важни, власта да ја продолжи градбата на Коридор 10

Бочварски: Не еден, туку двата коридори се важни, власта да ја продолжи градбата на Коридор 10

пред 3 дена

Наш врвен стратешки интерес на политички план треба да биде интеграција во меѓународните институции и сојузи, а на економски план, развој на инфраструктурното поврзување со регионот, олеснување на трговијата и транспортот, со други зборови Македонија треба да биде вистинска крстосница на регионот. Добро е што конечно ВМРО-ДПМНЕ се сети дека на Македонија и се потребни изградени, модернизирани и функционални коридори кои ќе не постават централно како неизбежна транспортна рута во регионот. Но, тие и денес ја прават грешката кога велат дека едни проекти се поважни, а други се помалку важни, или дека едниот коридор е поважен од другиот, забележа на прес-конференција Благој Бочварски од СДСМ.

Додаде дека ставот на СДСМ е јасен, и дека најважен стратешки интерес е да работиме и на двата коридори, без задршка, без застој.

„Нема и не смее да има или-или, туку само и единствено и. И коридор 10 и Коридор 8. СДСМ ја повикува Владата, да не се занимава со најразлични теории на заговор, за реализација на инфраструктурни проекти во други држави.

„Ако новата Влада сака да продолжи да не позиционира така како што заслужуваме, потребно е да ги продолжи проектите на претходната влада на СДСМ. Нема никаква потреба да се занимава со паралелни коридори во други соседни држави кои де-факто постојат, бидејќи сите ние многу добро знаеме кои се приоритетите на останатите држави од регионот. И да бидеме на чисто, ниту ние можеме да им го одземеме Коридор 4 на Бугарија, ниту пак тие можат да ни го одземат Коридор 10. Од друга страна, истите тие држави можат да прават што мислат дека е важно за нив, а нашиот приоритет треба да биде доизградба на коридор 8 за што потпишавме меморандум со Бугарија и Албанија, а со тоа сите три држави го покажаа својот интерес и секако продолжување на иницијативата за брза пруга Скопје – Белград за која владата на СДСМ ги започна разговорите со Република Србија“, кажа Бочварски.

Посочи дека е јасно зошто е важна без одлагање, интеграцијата во ЕУ.

„Од друга страна, не смееме да запреме со модернизацијата на Коридор 10, исто како што не смееме да запреме со изградбата и модернизацијата на Коридор 8, бидејќи ако зборуваме за паралелни иницијативи од соседството јас би споменал само уште една, за поврзување на Албанија, Косово и Србија со Бугарија преку Приштина, Ниш и Софија, што де-факто би значело заобиколување на Македонија. Затоа со единствена цел, да не го пропуштиме чекорот со соседите и да не заостанеме, СДСМ во претходниот мандат донесе нов модел на паралелно проектирање и градење кое веќе се применува и ги дава посакуваните резултати за побрзо градење на стратешките проекти од национално значење. Уште еднаш како политичка партија апелираме до Владата дека СДСМ во опозиција за разлика од ВМРО во опозиција, ќе даде поддршка за реализација на сите значајни стратешки проекти кои економски ќе ја зајакнат државата и ќе и дадат шанса за посилен раст и развој“, додаде тој.

Важно е порача тој, да не се прават ретроградни процеси и блокади, напротив да се обврзат сите политички гарнитури за завршување на овие проекти кои час поскоро ќе ја реализираат стратешката обврска, Македонија крстосница во регионот.

Текстот Бочварски: Не еден, туку двата коридори се важни, власта да ја продолжи градбата на Коридор 10 е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top