(Видео) Николоски: Пендаровски им сврте грб на Македонците и затоа ВМРО-ДПМНЕ му сврте грб нему

пред 3 години

Затоа што Пендаровски им сврте грб на Македонците, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ му свртеа грб нему и ја напуштија седницата на Собрание, изјави Александар Николоски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.

„Денес ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата го напушти обраќањето на претседателот на државата поради неколку причини: првата причина е, Стево Пендаровски докажа дека не е претседател на сите граѓани на Република Македонија, туку извршител на една политичка структура и извршител на Зоран Заев. Со тоа Стево Пендаровски сврте грб на македонските граѓани и затоа денес пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата му свртеа грб нему и ја напуштија салата во која што беше обраќањето. Второ, Стево Пендаровски е прв што кажа дека нашиот национален херој Гоце Делчев е бугарин и со тоа ги сруши македонските национални позиции, ја отвори пандорината кутија, ги оневозможи историчарите на научна основа да разговараат за историјата, во преговорите за историјата внесе политика и драматично ги поткопа темелите на македонската самобитност, македонски национален идентитет, самобитноста на македонскиот јазик и посебноста на македонската историја“, кажа Николоски.

И трето, додаде тој, Стево Пендаровски е претседател на држава кој што е нелегитимно избран затоа што, како што кажа Николоски, се појавило сведоштво на лидер на верска заедница кој што кажал дека гласовите за Стево Пендаровски биле купени, а за возврат му биле ветени пари и земјиште на скопско Кале.

Поради сето ова, ВМРО-ДПМНЕ ги продолжува замрзнатите односи со Стево Пендаровски.

„Стево Пендаровски наместо да обединува, поларизира. Имаше историска шанса да биде првиот претседател на Македонија кој што не е оспоруван, за жал ја прокоцка заради теснопартиски интереси и теснопартиски наредби, како и заради стилот и карактерот на однесување“, рече Николоски.

Share
Scroll to Top