(Видео) Откриена криминална група што криумчарела мигранти, приведени 10 лица

пред 3 години

Полицијата открила организирала криминална група којашто криумчарела мигранти, при што се приведени 10 лица. Акцијата била спроведена од страна на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, Сектор за криминалистички истраги, Национална единица за сузбивање на криумчарење мигранти и трговија со луѓе, во содејство со Одделот за специјални и посебни операции, СВР Струмица и Регионалните центри за гранични работи „Југ“ и „Исток“, во координација со јавен обвинител од ОЈО за Гонење на организиран криминал и корупција.

„Криминалистичката истрага над организираната 12-члена криминална група, која подолг временски период делуваше во земјава, се спроведуваше во изминатите десетина месеци, од страна на Националната единица за сузбивање на криумчарење мигранти и трговија со луѓе, во периодот од декември 2019 година досега. Организаторите на криминалната група М.С., неговиот син С.С. од Богданци, А. А. од Скопје и А.М. од с.Лојане-општина Липково, во соработка со лица одГрција, организирале криминална група со која на територијата на земјава, во временски период од декември 2019 година досега, организирале криумчарење на околу 100-тина илегални мигранти, при што се стекнале со значителна противправна имотна корист. Најголем број од мигрантите биле по потекло од Aвганистан, Пакистан, Сирија, Иран, Египет и други земји од Блискиот и Средниот Исток, кои претходно престојувале на територија на Грција“, информира на денешната прес конференција портпаролот на МВР, Тони Ангеловски.

Врз основа на претходен договор меѓу организаторите на криминалната група, мигрантите биле пренесувани од Грција, во земјава преку илегални премини на т.н. „зелена граница“ во околината на Гевгелија и Дојран, од каде потоа со помош на водичи т.н. „качаци“, биле доведувани на претходно утврдени и договорени локации, по што членовите на организираната криминална група ги прифаќале и со возила ги превезувале до одредени локации во Кумановско-липковскиот регион. Организаторот на криминалната група од Кумановско-Липковскиот регион, го организирал нивното прифаќање и времено сместување во објекти на членови, криминални соработници и помагачи на криминалната група, а кога ќе се створеле услови, мигрантите биле прокриумчарени преку границата со Србија, а оттаму кон државите од Европската унија. Цената на транспорт по лице изнесува од 500 до 700 евра.

„Извршени се претреси во вкупно 10 објекти лоцирани на подрачје на Гевгелија, Скопје, Штип и Куманово, а лишени од слобода беа 10 лица, додека еден веќе издржува мерка притвор, за претходно сторено кривично дело „криумчарење мигранти“, соопшти Ангеловски.

ОСОСК до ОЈО за ГОКК, поднесе кривична пријава против 12 лица и тоа против М.С. (49) од Богданци, неговиот син С. С. (23) од Богданци, А.А. (42) од Скопје и А.М. (47) од с.Лојане општина Липково, Б.Ј. (22), М.М. (21) и Д.С. (29) од Богданци, Т.К.Ц. (53) од Штип, Ј.К. (23) од Богданци и Т.М. (36) од Валандово, Д.Љ. (39) од Скопје и Ф.А. (26) од Скопје за „организирање на група и потикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со дете и криумчарење на мигранти“ и „криумчарење на мигранти“. Министерството за внатрешни работи и во наредниот период продолжува со интензивни мерки и активности со цел сузбивање на криумчарењето на мигранти, како и на сите други видови криминал, соопшти полицијата.

Share
Scroll to Top