Демократски сојуз: Османи да му врачи протестна нота на бугарскиот амбасадор

пред 3 години

Демократскиот сојуз ја осуди изјавата на потпретседателот на Владата и министер за одбрана на Бугарија, Красимир Каракачанов, дека ќе испрати инженериски полк на бугарската армија или членови на организацијата ВМРО која ја предводи за да ги отстрани спомениците во Македонија на кои има табли дека станува збор за жртви на бугарскиот фашистички окупатор.

Демократскиот сојуз смета дека најмалку што треба да направи министерот за надворешни работи, Бујар Османи, е да го повика на разговор амбасадорот на Бугарија во нашата држава и да му врачи протестна нота, усмена или писмена, за прекршување на дипломатските правила на однесување на високиот претставник на бугарската Влада.

Исто така, од ДС велат дека очекуваат и премиерот на, како што велат од партијата, пријателска и сојузничка Република Бугарија, Бојко Борисов, да се огради од ваквите изјави на потпретседателот Каракачанов.

„Скандалозно и непримерно е министер за одбрана на членка на НАТО во која членува и нашата држава, да дава вакви изјави насочени кон својот сосед со кој Бугарија официјално декларира дека сака да негува добрососедски и пријателски односи. Република Бугарија и РС Македонија се сојузници во НАТО алијансата во која безбедноста, мирот, добрососедската соработка се основни вредности и принципи а изјавите за испраќање воени единици ги будат мрачните духови на минатото“, велат од ДС.

Ставовите на потпретседателот на бугарската Влада, Каракачанов, како и на европратеникот од владеачката партија ГЕРБ, Андреј Ковачев, во кои се доведува во прашање прославата на 11-ти октомври, денот на востанието против фашистичкиот окупатор како услов за поддршка на официјална Софија за нашето евроинтегрирање, додваат од партијата, се навреда за македонскиот народ, кој ја извојува својата национална слобода во Втората светска војна во борбата против фашизмот.

Од ДС велат дека Република Бугарија треба да се соочи со историската вистина дека во текот на Втората светска војна монархистичкиот режим на бугарскиот цар Борис бил сојузник на фашистичка Германија, го потпиша Тројниот пакт, а за возврат од фирерот Хитлер добил награда да ги окупира териториите на Вардарска Македонија, Беломорска Тракија и Егејска Македонија. Дека станува збор за окупација на територијата на денешна РС Македонија, велат од ДС, сведочат и документи на бугарската армија и изјави на тогашниот бугарски премиер Богдан Филов, кои се јавно достапни на интернет.

„Демократскиот сојуз смета дека бугарскиот народ и современата бугарска држава треба да демонстрираат дека немаат ништо заедничко со фашистичкиот режим на цар Борис. Европската унија почива врз принципите на извојуваната слобода во борбата против фашизмот и обидот да се негира фашистичката окупација и да се претстави како ослободување во најмала рака е антиевропски и антицивилизациски чин“, се наведува во соопштението.

Share
Scroll to Top