Донација од 100 инвалидски колички и слушни апарати од турската Црвена Полумесечина

пред 3 години

Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска денеска прими донација на инвалидски колички, слушни апарати и средства за хигиена од Црвената Полумесечина на Турција.

„ Република Турција и Република Северна Македонија се пријателски земји кои имаат одлична соработка на многу полиња. За нас како ресорно министерство кое се грижи за најранливите категории на граѓани особено е важна соработката со хуманитарните организации, затоа што секоја помош и поддршка е добредојдена,“ рече министерката Шахпаска.

Таа ја посочи соработката со Црвениот крст на Македонија како најстара хуманитарна организација во нашата држава, особено значајна пред се во време на пандемија, но и генерално сите изминати години. Притоа особено ја потенцираше одличната соработка со турската Црвена полумесечина од која што произлезе и денешната донација од сто инвалидски колички, 25 слушни апарати и пакети со хигиенски средства.

„ Турската Црвена полумесечина и Црвениот крст на Северна Македонија припаѓаат во големото црвено семејство, каде што членуваат околу 110 организации, браќа, кои несебично си помагаат,“ рече генералниот директор на Црвената полумесечина, Ибрахим Алтан. Тој ја истакна одличната соработка со Црвениот крст на Северна Македонија и изрази уверување за нејзино продлабочување во иднина.

Заменик министерот Енвер Хусејин информираше дека со донацијата ќе бидат опфатени неколку општини меѓу кои, Радовиш, Струмица, Гевгелија, Робово и дел од Скопје. Тој ја истакна важноста на соработката меѓу двете хуманитарни организации, Црвениот крст и Црвената полумесечина како особено значајна, за што потврдува и оваа донација која ќе одговори на потребите на дел од граѓаните кои припаѓаат на ранливите категории.

Share
Scroll to Top