Инспекторите ја уриваат терасата на „Аманет“, сопственикот најавува тужби

пред 3 години

Инспекциски служби од Општина Центар утрово почнаа со уривање на терасата на ресторанот „Аманет“ во барокната плата „Емануел Чучков“ во Скопје. Од ресторанот, преку соопштение, тврдат дека терасата е законски изградена.

„И покрај сите наши укажувања, приговори и жалби до владини комисии, на законитоста на изградената тераса, со заверен проект од Град Скопје, решение за плаќање на такси, уплатени такси и добиени две одобренија од Град Скопје за поставување на урбана опрема и за вршење дејност, службите на Град Скопје, по налог лично од градоначалникот Шилегов, ја демонтираат/рушат законски изградената тераса на Аманет“, стои во соопштението од „Аманет“.

На уривањето реагира и политичката партија Интегра, чиј лидер Љупчо Ристовски е сопственик на ресторанот.

„Ваквиот чин на брутална злоупотреба на овластувањето од позиции на власт претставува чист пример на политички притисок врз лидерот на опозициската Интегра – Македонска конзервативна партија, чин на политички рекет и политичка корупција од највисок вид. Шилегов се осмели да упати порака до Ристовски дека премногу ги критикувал СДС* и дека тој најдобро знаел зошто му се руши терасата. Со вакво дрско и безобразно своеволие на Шилегов и на СДС*, владата испраќа порака до сите идни инвеститори дека ниту еден официјално заверен проект, издадени решенија и одобренија од официјални органи на локална управа или владата, нема никакво релевантно значење и зависат целосно од волјата на властите“, велат од Интегра.

Според нив, уривањето е чин на злосторство против приватната сопственост и слободата на политичко делување на опозициски политички субјект, поради што Градот Скопје и градоначалникот Шилегов ќе добијат тужба и кривична пријава за вршење политички притисок и закани од позиција на носители на локална власт.

„Нагласуваме дека СДС* и Зоран Заев, и особено Шилегов, во ништо не се поразлични од режимското владеење на Груевски, чиишто експоненти денес се во затвор и кривично осудени за слични постапки на незаконито рушење за вакви или слични објекти“, велат од партијата.

Решение за уривање на терасата во октомври на ресторанот „Аманет“ му достави Општина Центар оти заградена била поголема површина од дозволената. Град Скопје го повлекол решението со кое се дозволува поставувањето на летната тераса поради што објектот во Општина Центар се води како дивоградба.

Share
Scroll to Top