Марш за женски права на 8 март во Скопје

пред 3 години

На 8 март, понеделник, по повод Меѓународниот ден на жената, со почеток во 15 часот, од пред Министерство за внатрешни работи ќе започне петтиот Марш за женски права, најави Платформата за родова еднаквост.

„На овој протестен марш под слоганот: „Држава што не постапува е држава што силува“, заеднички ќе упатиме порака дека не можеме да бидеме слободни, кога сè уште се бориме за нашите работнички права, достоинство и почит, и живееме под закана од насилство и системска дискриминација. Маршираме бидејќи држава што не постапува е држава што силува. Маршираме за поддршка на сите жртви на криминалната група „Јавна соба“ и сите жртви на родово засновано насилство“, стои во најавата.

Од таму ги повторија нивните барања Јавното обвинителство неодложно и темелно да го расчисти случајот „Јавна соба“, кривичен прогон на администраторите на групите, како и сите членови кои праќале и сѐ уште праќаат фотографии и објавуваат лични податоци на девојки и жени и сексуалното вознемирување преку интернет посебно да се регулира и во Кривичниот законик.

Потоа бараат професионално постапување, помош и поддршка на жртвите на родово засновано насилство од страна на сите надлежни институции.

Share
Scroll to Top