Премиерот Христијан Мицкоски од саемот „Винска визија на Отворен Балкан“ во Србија, истакна дека настанот е доказ за моќта на соработката, визијата и посветеноста што земјите ја имаат кон унапредувањето на економските врски, културната размена и туристичката промоција.
Регионалната иницијатива, според него, создава можности што го поврзуваат регионот со светот и токму оваа платформа е пример како традицијата и иновацијата можат да одат рака под рака.
„Горд сум што денеска, овде во Белград, можеме да ги претставиме достигнувањата на македонската винска индустрија, која без сомнение се вбројува помеѓу најразвиените во регионот. Македонија има повеќе од 28.000 хектари лозови насади, а годишно произведуваме околу 100 милиони литри вино, од кои речиси 70 проценти се извезуваат во над 40 земји низ светот. Нашите лозја, кои се простираат низ региони како Тиквеш, Повардарие и Пелагонија, се меѓу најсончевите во Европа, со над 270 сончеви денови годишно, што придонесува за квалитетот на грозјето. Особено сме горди на нашите автохтони сорти, како што се вранец и станушина, кои стануваат препознатливи брендови на меѓународната сцена. Во споредба со соседните земји, Македонија се издвојува по балансот, меѓу количината и квалитетот на произведеното вино. Според податоците, 50 проценти од произведеното македонско вино е со ознака за географско потекло, што ја истакнува нашата посветеност на врвниот квалитет. Дополнително, секторот за вино придонесува со три проценти од вкупниот БДП на земјата, обезбедувајќи работа за над 20.000 луѓе, од лозарите до винарите и извозниците. Со ова, Македонија станува водечки извозник на вино во регионот според бројот на литри по глава на жител“, нагласи Мицкоски.
Изрази уверување дека настанот нема само да ја зајакне нашата винска индустрија, туку дека ќе отвори нови пазари и можности за сите учесници.
Саемот „Винска визија на Отворен Балкан“ не е само место за изложување и дегустација, туку и форум за дискусија, образование и соработка што ќе донесе долгорочни придобивки. Дозволете ми да се заблагодарам на домаќините и организаторите, кои вложија голем труд за да го направат овој настан успешен и да го промовираат Балканот како регион на квалитет, креативност и потенцијал. Сигурен сум дека заедничкиот успех што ќе го споделиме овде ќе биде само почеток на уште поголеми достигнувања во иднина“, кажа Мицкоски.
Текстот Мицкоски од Србија: Овa е доказ за моќта на соработката, Македонија станува водечки извозник на вино во регионот според бројот на литри по глава на жител е превземен од МАКФАКС.