Опозициските партии предложија дополнувања на Законот за заштита од заразни болести во редовна постапка

пред 3 години

Пратениците од Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија“ во Собранието заедно со останатите опозициски партии, Алијанса и Алтернатива, како и Левица, поднесоа Предлог – закон за дополнување на Законот за заштита на населението од заразни болести, но овој пат, во редовна постапка.

ВМРО-ДПМНЕ образложува дека пред неколку денови, овој Предлог – закон бил поднесен до Собранието во скратена постапка, но владеачкото мнозинство и нејзините пратеници ја одбиле потребата од брзо носење на овој Предлог – закон по скратена постапка.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, велат дека заедно со останатите опозициски пратеници нема да се откажат од потребата за донесување на ова важно законско решение и токму затоа овој пат апелираат до владеачкото мнозинство и Владата, детално и суштински да го разгледаат овој Предлог – закон и истиот да го прифатат.

„Со Предлог – законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на населението од заразни болести, бараме формирање на посебна Комисија за заштита и справување со пандемија или епидемија, која ќе биде формирана од страна на Собранието на Република Македонија и ќе треба да допринесе за ставање под контрола на ситуацијата со Ковид-19 која што очигледно од ден на ден се повеќе се влошува. Составот на Комисијата ќе биде на предлог на Владата, а го избира Собранието на Република Македонија. Истата се предвидува да биде составена од 11 члена, во која по функција ќе членуваат, министерот за здравство и директорот на Центарот за управување со кризи, а останатите 9 членови би биле, тројца инфектолози, двајца епидемиолози, двајца микробиолози, еден имунолог и еден интернист“, образложија од пратеничката група.

Овој Предлог – закон предвидува донесените препораки од страна на Комисијата да бидат јавни и да се доставуваат до Владата, која што потоа ќе има обврска и ќе мора задолжително да постапува по истите.

Целта на овој закон, како што велат од ВМРО-ДПМНЕ, е да се формира Комисија која што ќе биде составена од професионалци, докажани во своите области и кои што со своето објективно и стручно работење и носење на одлуки, ќе допринесат за решавање и нормализирање на тешката состојба, но и од „катастрофалната здравствена политика која ја води оваа влада предводена од СДСМ“.

 

Share
Scroll to Top