Османи – Ковни: Ирска ја поддржува Северна Македонија во ЕУ интеграциите

пред 3 години

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денеска оствари видеосредба со Симон Ковни, министер за надворешни работи и одбрана на Ирска.

„Министерот Османи се заблагодари за искреното пријателство и континуирана поддршка, која Ирска ја дава на европската интеграција на нашата држава, искажа очекување дека наскоро ќе бидат отворени нови страници во односите на Северна Македонија со Европската Унија преку отпочнување на пристапните преговори. Северна Македонија продолжува со својата визија за отворен пристап кон европските партнери, без разлика дали се од нашето поблиско или подалечно опкружување, засновано на определбата за пријателство, широка соработка и меѓусебно почитување“, соопшти МНР.

Министерот Ковни се осврнал на добиената поддршка од Северна Македонија во однос на нивниот избор за непостојана члена на СБ на ООН за 2021-2022, реафирмирајќи ги целите за мир и мирно решавање на конфликтите, соочување со климатските промени, постигнување одржлив развој и родова еднаквост.

Во однос на европските перспективи, ја повторил поддршката на ирската Влада за имплементација на реформите во нашата земја и надеж за постигнување напредок во процесот на приближување кон европското семејство.

„Соговорниците разговараа и за билатералната соработка, при што искажаа задоволство од јакнењето на односите и соработката, што се рефлектираше преку поставувањето нерезидентни амбасадори на Северна Македонија и Ирска оваа година. Воедно, го акцентираа потенцијалот за натамошно продлабочување на комуникацијата во областите од заеднички интерес“, се наведува во соопштението.

Share
Scroll to Top