Професор Марјан Ѓуровски: Преку заедничка Влада до внатрешно македонско помирување

пред 3 години

Заедничка голема политичка Влада е храбар предлог на претседателот на СДСМ Зоран Заев. Прво ќе придонесе кон внатрешно помирување во македонскиот блок (десницата и левицата) и исцртување на црвените линии во градење на заедничка стратегија за развој на државата, вели универзитетскиот професор Марјан Ѓуровски во изјавата за „Макфакс“.

Според него концептот на заедничка политичка влада ќе создаде поинаква политичка култура и ќе доведе до градење на заеднички политики меѓу другото за помирување и со соседите во прво време што е суштински потребно. После проектот “едно општество за сите” овој предлог на лидерот на СДСМ Зоран Заев, според Ѓуровски, ќе им даде шанса на политичките партии да излезат од маѓепсаниот круг на одмазда, омраза и пизма која е меѓу граѓаните, свртени еден против друг кога ќе дојдат на власт. Кој тоа и да биде.

„ Пред тоа секако нужно е потребна внатрешна демократизација на секоја политичка партија, процес низ кој мора да помине левицата и десницата, како и партиите од политичкиот центар, но и албанските политички партии. Дали се наоѓаме пред нова македонска политичка пролет и т.н. Дојчланд или Швајцарска коалиција до крајот на годината или по првите наредни парламентарни избори“, прашува професорот Ѓуровски.

Воедно нагласува дека евентуалната заедничката политика влада нема да значи амнестија за криминалот туку напротив зајакнување на борбата против корупцијата и организираниот криминал.

„ Јавното мислење ќе биде вистинска опозиција, вклучително медиумите и оние кои партиципират во јавната дебата. Евентуална експертска влада која се споменува во изминатите 30 години се покажа како нефункционална за што потврда е првата експертска влада на првиот премиер Никола Кљусев. Политичките партии може да немаат доверба или да бегаат од политичка одговорност во случај на формирање на експертска влада, идеја која исто така се пласира во јавноста“, смета политологот Ѓуровски.

Сите овие идеи само ќе придонесат кон зајакнување на парламентаризмот во македонската држава, заклучува професорот Марјан Ѓуровски во изјавата за „Макфакс“.

Share
Scroll to Top