Тренчевска: Експертската поддршка од МОТ во новиот Закон за работни односи е од големо значење

пред 3 години

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска оствари средба со националниот координатор на Меѓународната организација на трудот, Емил Крстановски.

На средбата, министерката Тренчевска зборуваше за приоритетите на Владата на Република Северна Македонија, кои се поврзани со заштитата и почитувањето на работничките права и се дел од Програмата за работа на Владата, како и значењето на социјалниот дијалог во општеството.

„Експертската и техничка подршка и помош од Меѓународната организација на трудот и нивното учество во креирањето на законските решенија е од големо значење за нас. Особено сакам да ја истакнам соработката на новиот Закон за работни односи, како и останатите стратешки документи кои се однесуваат на политики и прашања од областа на трудот,“ рече Тренчевска.

Националниот координатор, Емил Крстановски се осврна на досегашната соработка и поддршка од Министерството за труд и социјална политика и ја нагласи важноста на членувањето во оваа организација за воспоставување на современи стандарди на трудот, кои се и треба да бидат дел од националното законодавство. Како идни активности ги посочи подготовката на новиот план за имплементација на младинската гаранција и подготовка на новата Програма за пристојна работа 2023- 2027 година.

Двете страни го потенцираа значењето на Економско – социјалниот совет, како трипартитно советодавно тело на национално ниво, но и понатамошен развој на локалните економско – социјални совети и поддршката во ратификувањето на конвенциите усвоени од Меѓународната организација на трудот.

На крајот на средбата министерката за труд и социјална политика и националниот координатор на МОТ, изразија подготвеност за понатамошна плодна соработка во интерес на сите засегнати страни во општеството.

Меѓународната организација на трудот е единствена и специјализирана трипартитна агенција на Обединетите Нации основана во 1919 година. Оваа организација во рамките на својата структура и функционирање ги вклучува владите, работодавачите и работниците од 187 држави-членки, меѓу кои и Република Северна Македонија.

Share
Scroll to Top