Утре премиера на претставата за бебиња „Облак во мала кутија“ во Театарот за деца и младинци

пред 3 години

Премерната изведба на првата претстава наменета за возраст од 1+ „Облак во мала кутија“, во режија на Бојана Лазиќ, Србија,  ќе се одржи утре, 01 декември, во 19 часот, во Театарот за деца и младинци.

Претставата е со интерактивен карактер и се изведува за ограничен број на посетители. Истата ќе биде изведена согласно протоколите за заштита од Ковид-19.

Во претствата играат Симона Спировска, Наташа Петровиќ, Ненад Митевски и Никола Наковски.
 „Облак во мала кутија“ е првата интерактивна театарска претстава за бебиња во Македонија. Нејзини гледачи се деца кои штотуку наполниле 12 месеци како и нивните родители. Разни визуелни изненадувања, колективни игри, весела музика, палави зборови, необични форми и пријатна атмосфера се преплетуваат во претставата.

„Облак во мала кутија“, во споредба со претставите за постари деца, младинци и возрасни луѓе, не е заснована на наратив туку на дејствија кои будат и провоцираат љубопитност. Содржините се прилагодени за возраста на публиката и осмислени се со цел да ги стимулираат сетилата и да ја поттикнуваат фантазијата.

Просторот во кој актерите ги дочекуваат бебињата и родителите е безбеден, удобен, мек и нежен. Во тој простор сите можат да се опуштат и да уживаат. Актерската игра се заснова на импровизации и интеракција. Нема јасни граници за тоа кој е изведувач, а кој е гледач па од време на време актерите ќе гледаат во бебињата и од време на време бебињата ќе ги набљудуваат актерите. Сценографијата е дизајнирана така што треба да поттикнува развој на когнитивни и моторички способности, социјални способности како и тактилни сензации. Децата можат цело време да уживаат, а можат и да истражуваат со дискретна помош од актерите.

Идејата е актерите/изведувачите да ги инспирираат дечињата за да ги поведат во лавиринт од апстракции, нежна музика, пријатни изненадувања, сетилни сензации и соновна атмосфера.

„’Облак во мала кутија’ им нуди на бебињата и родителите доживување што не можат да го почувствуваат ни во една соба полна играчки, ни во парк, игротека, а ни во некоја градинка… Оваа магија не може да се случи никаде освен во театар“, велат од Театарот.

 

Share
Scroll to Top