Царовска: Потребни се поголеми вложувања на науката

пред 3 години

Министерската за образование и наука, Мила Царовска, по повод Светскиот ден на науката- 10 ноември, денес учествуваше на онлајн панел дискусија за развојот на научната дејност во Република Северна Македонија. Дискусијата којашто ја организираше Комисијата за наука при Универзитетското Студентско Собрание на Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, беше во насока да се увидат состојбата, местото и иднината на научната дејност во државата.

„Научно истражувачката дејност е многу значајна за развојот и напредокот на сите сегменти на општеството, затоа сметам дека како Влада треба да посветиме посебно внимание на унапредување на нашата наука. Овие дискусии се многу значајни за да ја согледаме важноста за вложување во науката, но и да се поттикне соработката помеѓу академските, научно-истражувачките установи, приватниот сектор и институциите“, рече Царовска.

Министерката истакна дека веќе се работи на планско и континуирано обезбедување со средсва наменети за науката, преку грантово, проектно и програмско финасирање.

„Од годинава за првпат Фондот за иновации и технолошки развој во соработка со Министерството за образование и наука преку грантовското финансирање додели 34 иновациски ваучери со вкупна вредност од 15 милиони денари коишто треба да го поттикнат развојот на науката во нашата држава. За 23 од доделените апликации, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“– Скопје ќе ги обезбедува потребните услуги, 9 ваучери се доделени на Универзитетот „Гоце Делчев“– Штип, а 2 на Универзитет „Св. Климент Охридски“ – Битола.

„Преку овие иновациски ваучери, коишто ќе ги доделуваме и во иднина, од една страна вложуваме во иновацијата, отвораме можности за младите директно да учествуваат на проекти кои можат да ја обликуваат нивната кариера, а од друга страна им овозможуваме на компаниите да ја зголемат својата конкурентност“, рече Царовска.

Министерството за образование и наука од идната година воведува поддршка за национални истражувачки програми, а очекувањата се во 2022 година да се воведе програмско финасирање кое ќе се спроведува во континуитет и ќе биде предвидено со целосно нов Законот за научно истражувачка дејност.

Министерката истакна дека заложбите на МОН се да се зголеми учеството на БДП во науката. Според последните податоци од Државниот завод за статистика во текот на 2019 година БДП-то во науката учествувало со 0,35%, а учеството на бизнис секторот во науката било 0,10%. Во земјите од ЕУ овие вложувања изнесуваат во просек околу 1,8% од БДП, а тенденцијата е да станат околу 3%.

Share
Scroll to Top