Царовска со највлијателните македонски научници: Заеднички работиме на унапредување на нашата наука

пред 3 години

Министерката за образование и наука Мила Царовска се сретна со научниците кои се меѓу најцитираните и највлијателни 2% на светско ниво. Шестмина македонски научници се најдоа на листата на топ најцитирани и највлијателни научници од сите области, публикувана од Универзитетот Стенфорд oд САД за 2020 година.

Станува збор за претседателот на МАНУ Љупчо Коцарев, членот на МАНУ Леонид Грчев, професорот Валентин Мирчески од Институт за хемија при ПМФ Скопје, професорот Рубин Гулабоски од Факултет за медицински науки на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, како и пензионираните професори Иван Грозданов и Трајче Стафилов, двајцата од Институт за хемија при ПМФ Скопје. На листата е и професор Ратко Јанев, член на МАНУ, кој за жал почина пред една година.

Ова е огромен успех за нашата земја и за нашата наука. Посакувам оваа значителна бројка на реномирани и влијателни наши научници уште повеќе да се зголемува. Убедена сум дека заеднички ќе работиме да ги унапредиме и подобриме условите за развој на научно-истражувачката дејност“, рече министерката Царовска.

Министерката и научниците на состанокот разговараа за планско и континуирано обезбедување на средства наменети за науката, преку грантово, проектно и програмско финансирање.

„ Од годинава за првпат Фондот за иновации и технолошки развој во соработка со Министерството за образование и наука преку грантовското финансирање додели 34 иновациски ваучери со вкупна вредност од 15 милиони денари коишто треба да го поттикнат развојот на науката во нашата држава. Преку овие иновациски ваучери, коишто ќе ги доделуваме и во иднина, од една страна вложуваме во иновацијата, отвораме можности за младите директно да учествуваат на проекти кои можат да ја обликуваат нивната кариера, а од друга страна им овозможуваме на компаниите да ја зголемат својата конкурентност“, истакна Царовска.

На состанокот беше договорено заеднички да се дефинираат предлог – критериуми за воспоставување на Центри за извонредност, како и предлог – критериуми за финансирање на националните истражувачки проекти во 2021 година, со цел да се поттикнат научно-истражувачката работа и вложувањата во науката.

Министерството за образование и наука од идната година воведува поддршка за национални истражувачки програми, а очекувањата се во 2022 година да се воведе програмско финансирање кое ќе се спроведува во континуитет и ќе биде предвидено со целосно нов Законот за научно истражувачка дејност.

Листата на најдобрите 2% светски научници за 2020 година е резултат на опсежни анализи на научниците од Стенфорд Универзитетот за чие формирање се анализирани голем број на релевантни индикатори, како што се број на објавени трудови, цитираност, вкупен број на објавени трудови, h-index на цитираност, број на поминати години од првиот објавен труд на научниците, како и вкупен импакт во соодветното поле на истражување.

Share
Scroll to Top