Целосно уништена опремата за следење на рисот во Кичевско

пред 3 години

Несовесни граѓани целосно уништиле кафез-замка во месноста Суви Дол, Кичевско, којашто била поставена од Македонското еколошоко друштво за научно-истражувачки цели. Кафезот не е во можност повторно да се употреби за следна мониторинг сесија на балканскиот рис.

„Досега не сме имале вакво искуство и апелираме до граѓаните што се движат во планина дека овој тип на замки е наменет исклучиво за научно истражувачки цели и следење на популацијата на критично загрозениот балкански рис. Случајот ќе го пријавивме во полиција и се надеваме дека надлежните ќе поведат постапка против сторителите.“, вели Диме Меловски од Македонското еколошко друштво.

Вакви замки се поставени на повеќе локации во НП „Маврово“ и надвор од него и се од непроценлива вредност за стекнување нови сознанија за ова ретко животно, коешто МЕД активно го проучува и заштитува од 2006 година.

Тој сподели и една убава вест, раскажувајќи дека жители на мавровските села им испратиле фотографии од рисицата Лиса што ја следат долго време со со ГПС околувратник.

„Деновиве добивме прекрасни слики од рисицата Лиса, деветта различна единка рис заловена во рамки на истражувачките активности од Програмата за закрепнување на балканскиот рис кои МЕД систематски ги спроведува од 2010 година. Станува збор за здрава единка, стара околу 7 години“, изјави Меловски од Македонско еколошко друштво.

Фотографиите им ги испратил жител од едно мавровско село, што ја сликал рисицата од својата тераса.

Share
Scroll to Top