Членството ќе избира претседател на СДСМ, црвената боја стана партиска

пред 3 години

Конгресот на СДСМ ги усвои измените и дополнувањата на статутот на партијата, информираше партискиот претседател, Зоран Заев на прес-конференција по завршувањето на Конгресот.

Тој образложи дека со новите измени за првпат една политичка партија својот претседател ќе го бира на директни внатрепартиски избори, непосредно, а изборот ќе се случува следната година во првото полугодие кога истекува мандатот на ова раководство.

„За претседател на СДСМ ќе може да се кандидира секој член со најмалку 5 години работа во партијата и 1 мандат како член на Централниот одбор со право на глас“, рече Заев изразувајќи надеж дека овој пример понатаму ќе го следат и другите политички партии.

Со новите измени црвената боја станува боја на СДСМ.

„Тоа е бојата на социјалдемократијата. Боја што ја отсликува силата и вербата во подобра заедничка иднина. Тоа е боја на нашето македонско знаме“, рече Заев на прес-конференцијата.

Понатаму, тој кажа дека првпат во историјата на партијата, Форумот на жени на СДСМ и Социјалдемократската младина на Македонија со измените се регулираат како трајни и статутарни форми на организирање, чие постоење не зависи од политичката волја на моменталното раководство. Претседателите на Форумот на жени и на СДММ ќе учествуваат во работата на извршните органи, со право на глас.

За првпат се формира и Форум на пензионери.

„Целта на Форумот на пензионери е да ги мотивира највозрасните членови и да ги искористи нивните капацитети, искуства и знаење за унапредување на мерките и животот за сите граѓани“, рече Заев.

Денеска беше усвоен и извештајот за победа на парламентарните избори, а партијата воведе и Кодекс на однесување на членовите на СДСМ.

„Ние сме нова генерација која може да креира нова дефиниција на политичари со висок морал кои сами на себе треба да бидат најсилна контрола“, рече Заев.

СДСМ го одржа својот 25 Конгрес, за првпат дигитално. Претседателот на владејачката партија оцени дека Конгресот бил одржан во победничка и демократска атмосфера.

 

 

 

 

СДСМ е прва партија која има целосна родова еднаквост и учество на мажите и жените рамноправно.

 

Со измените,

СДСМ е првата партија во нашата држава која на следниот Конгрес секој член ќе може да гласа и дирекнто да одлучува кој и како ќе ја води партијата.

 

Share
Scroll to Top