(Видео) Заев: Деновиве ќе се финализираат деталите околу Законот за државјанство, има две одделни проблематики

пред 4 години

Премиерот Зоран Заев, денеска заедно со неколкумина министри се сретна со координаторот на пратеничката група на Алијанса на Албанците и Алтернатива, Скендер Реџепи, во врска со законот за државјанство, којшто беше причина за блокада на Парламентот.

По средбата Заев изјави дека верува дека ќе се изнајде решение за проблемот со немањето државјанства и дека на средбата биле изнесени низа ставови како од страна на владините претставници така и од пратениците на Алијанса на Албанците. Следната средба е најавена најдоцна за една недела.

„Имавме конструктивен работен состанок на којшто претставниците од извршната власт можевме да ги слушнеме аргментациите по Предлог-законот од Алијанса и Алтернатива, претставени од нивните пратеници. За еден дел од работите веднаш најдовме решение и знаеме како ќе се решат работите, но она за позначаен дел од работите заклучивме дека Владата треба да ги разгледа аргументациите коишто беа понудени во наративот и образложението од страна на Алијанса и Алтернатива како што и тие треба да ги разгледаат аргументациите коишто беа понудени од страна на соодветните министри“, рече по средбата Заев.

Како што посочи, договорено е најдоцна за една недела да се сретнат и врз основа на тие аргументации да се пронајде трајно решение.

„Се согласивме дека таа бројка иако е евидентирана на 1.500 лица, во матична евиденција е некаде 800 -850 луѓе и е различна. Притоа разграничивме граѓани коишто имаат извод од матична книга на евиденција односно се родени тука е една проблематка, и граѓани кои се стекнуваат со државјанство со природување односно женење, мажење во државата се друга проблематика, и како да настапиме“, објасни премиерот.

Заев рече дека во следните неколку дена службите интензивно ќе работат за да ги разгледаат и да ги разберат сите опредлози што ги дале двете опозициски партии.

„Така на тој начин ќе потврдиме сите дека сме за трајно решавање за оние наши граѓани коишто немаат државјанство да добијат државјанство, а притоа тоа да биде согласно европските конвенции за државјанство, согласно меѓународната регулатива за државјанство и согласно сето она што претставува одржливост на решенијата за државјанство“, рече премиерот.

Во решавање на оваа проблематика, како што кажа, ќе се искористи примерот од 2004 година, кога се решени случаите со повеќе илјади граѓани.

На средбата присуствуваа и министрите за внатрешни работи Оливер Спасовски, за правда Бојан Маричиќ и за земјоделство, шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа, како и координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески.

Share
Scroll to Top