Филипче со порака до колегите – Херојска е борбата на здравствените работници

пред 4 години

Mинистерот за здравство, Венко Филипче, беше во посета на Општата болница Гостивар, во која целосно е реновирано хируршкото одделение.

Со реновирањето, велат од МЗ, вработените имаат подобрени услови за работа според најсовремените стандарди, а пациентите имаат значително подобри услови за престој и лекување. Вредноста на оваа инвестиција изнесува околу 15 милиони денари.

Министерот Филипче пред вработените во оваа установа истакна дека херојска е борбата и работата што ја вршат здравствените работници во целиот овој изминат период, за да се подготви и престрои системот за нешто за што никогаш ниту не предвидел дека ќе се случи, ниту бил спремен, ниту пак очекувал.

„Вие и вашите колеги во сите други јавно здравствени установи тоа го направивте во исклучително краток временски период. Помош таму кадешто е најпотребна прераспределба на кадарот, помош на докторите и сестрите коишто работат на инфективното одделение и сега и на интерното пренаменето за третман на пациенти со ковид. Сакам искрено да ви честитам и да ви се заблагодарам и да укажам на тоа дека водиме сметка за секој еден којшто е вклучен во оваа битка. Со последниот ребаланс на буџетот се одвои значителна сума на средства којашто ќе оди како награда еднократна во следните месец дена за сите здравствени работници коишто работат со ковид пациенти“, потенцираше Филипче и потсети дека минатата година во болницата во Гостивар целосно биле реконструирани операционите сали и набавена нова опрема.

Тој најави и дека во 2021 година со помош од Европската унија болницата ќе добие апарат за магнетна резонанца.

Од МЗ наведуваат дека за да се одговори на предизвикот со ковид-19, во Општата болница во Гостивар зголемени се болничките капацитети. Од почетокот на пандемијата, инфективното одделение располагаше со 18 легла. Со реновирањето на стариот простор за дијализа, но и спремното интерно одделение, сега болницата располага со вкупно 65 кревети.

„Направен е нов распоред и реорганизација, уклучени се сите интернисти и специјализанти кои се вратени од специјализација на припомош. Обезбеден е доволен број на медицински кадар. Установата, и во услови на ковид-19 продолжува со редовните прегледи и интервенции за пациентите во овој регион, кој опфаќа 200 илјади жители“, се наведува во соопштението.

Share
Scroll to Top