Денеска на Универзитетот „Св.Климент Охридски„ во Битола свечено се промовираше формирањето на УКЛО Алумни клубот. Целта на основањето на Алумни клубот е зајакнување на врските и комуникациите помеѓу Универзитетот со дипломираните студенти од прв, втор и трет циклус на студии, односно УКЛО алумнисти, како и поттикнување на нивната поддршка за промоција на универзитетот и нивно вклучување во активностите на УКЛО.
Во своето обраќање на промоцијата проректорот Марјан Ѓуровски нагласи дека приватниот бизнис-сектор е маргинализиран во процесот на управување, програмирање и финансирање на високото образование и научните истражувања и има најниско учество во технолошко-иновациската дејност во регионот. Според него потребни се образовни политики кои ќе изградат култ од образованието како најважен државен, национален и економски ресурс, наместо негова маргинализација и потценување. „Науката и високото образование не треба да се третираат како потрошувачка, туку како најважна продуктивна сила на општеството. Три децении имаме континуирано ниско ниво на јавни вложувања во високото образование и научно-истражувачката работа, најниско во регионот и пошироко„ смета професорот Ѓуровски.
„Без двоумење и политичко калкулирање треба да се поттикне критичка расправа за состојбите и развој во креирањето на посебна високо образовната и научната политика на државата која денес ја немаме. Од ресорното Министерство за образование и наука денес високото образование е запоставено и на маргините на делување. Имам чувство како високото образование да е сирак во семејството на образовни политики и делувања покрај – основното и средното чиј сегменти се составен дел од образовниот мозаик. Само различностите во мислењето ќе не доведат конечно до вистинска високообразовно-научна реформа, за која доцниме најмалку 20 години бидејќи е нужен предуслов за влегување во стабилен период и развој на општеството, како и конечно завршување на три децениската транзиција на македонската држава. После толку години се уште немаме одговорено на прашањето каква наука и високо образование ни се потребни и дали постоечкиот модел е добар, функционален, исправен, продуктивен и не вади надвор од состојбата во која се наоѓаме„ нагласи Ѓуровски.
Ректорот на битолскиот Универзитет професор Сашо Коруновски нагласи дека со подготвеност идејно, креативно и практично дипломираните студенти кои се во алумни клубот ќе партиципираат во развојот и напредокот на Универзитетот и ја преземаат улогата на лидери, алумнисти кои на интерактивен начин прераснуваат во следбеници на трендовите насочени кон обезедување одржливост на Универзитетот и пошироко, на вредностите во општеството.