Штипското основно јавно обвинителство ќе започне истражна постапка против жител на Свети Николе за кривично дело – неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги.
Имено, постои основано сомнение дека осомничениот оваа година на земјоделска површина во селото Стањевци, неовластено произвел марихуана.
Во октомври тој ја набрал, ја исушил и ја чувал во куќата во сопственост на неговиот татко. На 7 ноември, при претрес на куќата во Стањевци и помошните простории, полициски службеници пронашле вкупно 834 грама марихуана во повеќе различни пакувања, како и семки кои потекнуваат од растението канабис.
По предлог на јавен обвинител, основниот суд во Штип на осомничениот му определил притвор во траење од 30 дена.