(Видео) Арсовски: Мерките што ги воведуваат Зоран Заев и Венко Филипче се класичен фашизам

пред 3 години

Мерките кои што ги воведуваат Зоран Заев и Венко Филипче се класичен фашизам. Никој не смее никому да ограничува право на движење и живеење, само затоа што така им текнало на Зоран Заев и Венко Филипче, вели портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.

„Настрана од се, ние повторно апелираме граѓаните да се вакцинираат за да се заштитат себеси од коронавирусот, но не може по ниедна цена Зоран Заев и Венко Филипче да ги дискриминираат и на еден фашизоиден начин да ги третираат оние луѓе кои што не се вакцинирани. Новите мерки на Владата се класично лудило народски кажано, само вакцинираните смеат да живеат нормално, а оние кои што прележале коронавирус и имаат доволно антитела или пак оние кои што немаат примено вакцина, не смеат да живеат нормално како другите односно вакцинираните граѓани“, истакна Арсовски.

„Фашистичка Влада која што се движи кон нејзиниот крај. Од прв ден на појавување на корона вирусот во Република Македонија, па се до денес, секоја една мерка што ја воведе Владата е промашена и неефикасна, и тоа се виде на дело и за тоа имаме 5.500 починати од коронавирусот, и урнисан економски систем“, смета портпаролот на опозициската партија.

Според него системот со оваа Влада одамна не функционира.

„Секој, ама баш секој еден граѓанин во Република Македонија има право на избор и тоа право на избор не може и не само што не може, не смее да му го одземе ниту Зоран Заев, ниту Венко Филипче“, потенцира Арсовски.

Апелира, граѓаните да се вакцинираат и да се заштитат, но упати апел и до Владата и до Венко Филипче.

„Како совесен доктор, ако е совесен доктор, како Зоран Заев ако е совесен премиер, а не е, да не ги дискриминираат граѓаните, да не ги дискриминираат и оние кои што имаат доволно антитела, а не се вакцинирани или оние што воопшто не се вакцинирани“, порача портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.