Во недела носиме одлука – ќе продолжиме напред со научените лекции или ќе дозволиме со земјата и со градовите да завладејат неизвесност и опасност? Во недела правиме избор помеѓу искрени политичари, кои не се безгрешни секако, но народни и отворени, или пак, оние другите, политичари без став, со скриени агенди, бранители на криминалот, политичари со кои не знаеш на што си, опасни за државата, вели во своето обраќање претседателот на СДСМ Зоран Заев.
„Еве ме пред вас. Без оправданија, без изговори и без тајни планови. Искрено, бидејќи јас и не можам поинаку. Некои велат дека искреноста била мојата слабост, други ќе се насмеат на некој гаф од јавните настапи, но јас сум тој, Зоран Заев, еден од вас, еден од народот. Па, не си божество ако си премиер. Заврши времето кога на големците не можеше името да им се спомне. Летаа одмазди и закани на сите страни. Но да знаете, додека сум јас тука – тоа нема да се повтори. Премиерот е и ќе продолжи да биде прв меѓу еднаквите, ништо повеќе. А, таков мора да биде и градоначалникот“, рече Заев.
„Вие ни кажавте, јасно и гласно, ние слушнавме, уважуваме и постапуваме. Го забрзуваме државниот апарат за да служи повеќе и подобро на народот. Секој да добие одговор, секој да си заврши работа, на време, квалитетно и со добар однос, бидејќи тоа му следува на секого. Каде сакаме да ни оди државата? Недела е денот кога треба да го зададеме правецот за општини кои работат за народот, но и за демократска и современа држава, меѓународно етаблирана, партнер со големите сили, за општество во кое доминира грижата за луѓето, за Северна Македонија која оди напред, стабилна, мирна и просперитетна“, додава претседателот на СДСМ.
Уверен сум, потенцира Заев, дека модерниот патриотизам во 21 век не значи измислување нови идентитети, градење лажни митови и бели палати. Современиот патриотизам, според него, значи поглед напред, јасна визија.
„Бадијала ве плашат! Клучните историски факти за македонската нација нема да бидат предмет на политичка ревизија. Нацијата никогаш не ни била поцврста и попризната. Ние бараме и наоѓаме решенија на децениските проблеми, но на принципиелна основа и согласно европските фундаментални принципи. Нашето право на самоопределување никој не може и не смее да го оспорува“, подвлекува во своето обраќање Заев.
„Сега ни останува само едно: заеднички да работиме за децата да ни останат овде, да живеат овде и да работат и просперираат тука, во својата земја. Излезете и потврдете ја шансата за нашата земја да продолжи да се нормализира, да се стабилизира и никогаш повеќе да не падне под режим! Никако назад“, додава Заев.