Пратениците во Собранието вчера ги усвоија измените и дополнувањата на Законот за лековите и медицинските средства. Со овие измени овозможуваме во исклучителни случаи и оправдани причини што се однесуваат на здравјето на пациентите, во вонредни услови, кризни состојби, во услови на епидемија или пандемија на заразна болест, односно кога се бара ставање во промет на вакцина против коронавирусот, барање за ставање во промет можат да извршат и странски производител на лекови, правен застапник, подржуница или трговско претставнишво на странски производител со регистрирано седиште надвор од државата, изјави Ненад Коциќ, пратеник на СДСМ.
Со ова, додаде тој, создадени се условите вакцината против коронавирусот да пристигне во државата и да започнеме со имунизацијата.
„Овие измени на Законот немаше да се случат ако ВМРО-ДПМНЕ додека беше на власт не го урниса здравствениот систем и принуди реномирани странски компании за лекови да се повлечат од нашиот пазар. За потсетување, во периодот меѓу 2012 и 2015 во годините на најголем режим, неколку реномирани странски компании како АстраЗенека, Глаксо и дел од Новартис се повлекоа од нашата држава, заради паралелниот узвоз на лекови и вакцини со сомнително потекло. Заради таквиот однос трајно се наруши угледот на државата и здравствениот систем, нешто што со сите сили се обидуваме да го поправиме, да ја вратиме довербата во македонското здравство“, рече Коциќ.