(Видео) Кузеска: Растот на БДП и извозот покажуваат дека економијата е стабилна

пред 3 години

Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска на прес-конференција изјави дека македонската економија е стабилна, подготвена да се носи со сите актуелни и идни предизвици.

Според неа, тоа го потврдуваат и бројни статистички податоци и економски параметри.

„ Во третото тромесечје Бруто домашниот производ бележи раст од три отсто. Покрај растот на БДП бележиме и сериозен раст на извозот кој во периодот јануари – октомври е зголемен за 29 отсто во споредба со истиот период од 2020 година.

Сето ова се податоци кои ја покажуваат успешноста на економските политики на Владата предводена од СДСМ. СДСМ како одговорна партија, преку институциите што ги предводи, постојано презема мерки за заштита и унапредување на економскиот стандард на граѓаните.

Таа потсети дека Владата ги замрзнала цените на основните продукти до 31 јануари 2022 година. Покрај цените на лебот, брашното, зејтинот, млекото, сирењето и сувомеснатите производи, се замрзнува и цената на оризот, јајцата и тестенините.

Оваа одлука, рече таа е донесена со цел да се превенираат идни поскапувања на овие продукти кои македонските граѓани најчесто ги употребуваат во секојдневието.

„ И во следната 2022 година ќе продолжи растот на минималната плата, за што веќе се договара со синдикатите и бизнис секторот, а ќе продолжи и зголемувањето на пензиите, со цел зајакнување на животниот стандард и обезбедување повеќе пари во секое семејство“ додаде Кузеска.

Во однос на енергетската криза и најавеното зголемување на цената на струјата, Кузеска нагласи дека државата е подготвена да им помогне на најранливите категории граѓани, преку субвенционирање на сметките за електрична енергија.