Апсењето на врховниот судија Наке Георгиев за земање мито од 10 илјади евра е само уште една потврда дека Македонија со власта на СДС и ДУИ ниту била правна држава, а уште помалку европска.
Судијата, кој целата своја судиска кариера и унапредување ги добива во време на владеењето на СДС, вчера беше фатен на дело како зел поткуп во замена за олеснителни околности во постапката што се води против ексградоначалникот на Ново Село, Боро Стојчев, истакна на прес-конференција Миле Лефков, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Георгиев, како што појасни Лефков, станал судија во 1997, па бил избран за судија во Апелациониот суд во 2004, па врховен судија во 2020 година, а потоа беше контроверзно избран и за член на Судскиот совет, па потоа уште поконтроверзно се повлече за да може син му да биде избран за судија во Кривичниот суд.
„Неговото апсење го покажа целиот сјај на бедата во која СДС и ДУИ го доведоа правосудството во Македонија.
Наместо правдата, владееле криминалот и корупцијата, а ликови како Георгиев, наместо да се борат против престапниците, самите го прекршувале законот за имотна корист“, додаде тој.
„Но тоа не е сè. Да биде срамна сликата за македонското правосудство целосна, постои основан сомнеж дека и јавен обвинител бил дел од оваа афера.
Имено, извршен е претрес и во домот на членот на Советот на обвинителите, Иџет Мемети, и претрес во службените простории на Советот на јавните обвинители по основано сомнение дека тој заедно со Наке Георгиев ја злоупотребил својата позиција и барал мито за истиот случај како и врховниот судија во замена за олеснителни околности во судската постапка.
И Мемети, како и Георгиев, тесно се поврзува со претходната власт, односно важи за исклучително близок за ДУИ. Својата кариера ја почнува кога оваа партија доаѓа на власт и извршува високи функции од правобранител, министер за правда, уставен судија, па до член на Советот на јавните обвинители.
Ова е судски октопод. Во судскиот систем владее организирана банда, која тргува со правдата и која наместо по словото на законот, работи по словото на парите“, потенцира Лефков.
Повика надлежните институции да го истражат целиот овој случај и многу други бидејќи, како што рече, оценуваат дека корупцијата во судството не завршува само со Георгиев и Мемети, туку пипалата се многу поголеми и подлабоки, од основни, апелациски судови и обвинителства, па сè до високи политички позиции на власта на СДС и ДУи во заминување.
„Без правна држава, нема Европска Унија. Без владеење на правото, нема ниту напредок ниту подобар живот во Македонија.
Со корупцијата мора да има силна и одлучна борба и никој не смее да биде заштитен или амнестиран.
Доаѓа времето на одговорност“, дециден е Лефков.
Текстот (Видео) Лефков: Георгиев и Мемети се дел од правосуден октопод, кои, наместо да гонат криминал, се занимавале со криминал е превземен од МАКФАКС.