Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на денешната прес-конференција посочи дека е исклучително задоволен од постигнатото и сработеното на градоначалниците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.
Според него овие две години биле години на решавање на многу проблеми, многу предизвици и постигнување на резултати во услови на наследени општини во хаос, жестоки блокади од централната власт, како и лоша економска состојба во Македонија.
Ова се две години без ниту еден скандал какви во минатото имаше многу во локалната самоуправа, на што морам да признам сум особено горд, вели Мицкоски.
Тој најави дека во периодот што следи во 15 поголеми општини следат изградба на капитални проекти со капитално значење за општините и овој циклус инвестиции за развој, вели дека треба значително да го олесни животот на граѓаните во овие општини.
„Ќе се почне со градба на градинки, локални патишта, училишта, амбуланти, спортски сали кои се од огромно значење за овие 15 општини. Морам да признам дека сите овие 15 општини ги завршија проектите и истите се ревидирани и само следи формално отпочнување на истите“, кажа Мицкоски.
„Овие проекти се ветени со програмите со кои ВМРО-ДПМНЕ настапи на локалните избори пред две години. И ние се држиме кон ветеното и се трудиме веќе на половина на мандатот на градоначалниците најголем дел од ветеното што би рекол во процентуален износ поголем од 70% да биде реализирано, некаде 90, некаде 80, некаде 60, но просекот е поголем од 70 проценти. И затоа кога велиме дека се држиме до ветеното, ние имаме озбилна намера сето тоа кое што го реализираме на локално ниво, сега да го продолжиме понатаму како идна влада која што ќе ја предводи ВМРО-ДПМНЕ“, додаде претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Текстот (Видео) Мицкоски најави нови проекти: Изградба на градинки, локални патишта, училишта, амбуланти, спортски сали во 15 општини е превземен од МАКФАКС.