За време на годишното обраќање пред пратениците, Пендаровски го прокоментирам повлекувањето од политиката на досегашниот премиер Зоран Заев. Тој рече дека во изминативе десет години заедно биеле битки во широкото граѓанско движење за човекови слободи и права.
„ На јавноста ѝ се познати неколку несогласувања и меѓу нас по некои прашања, тоа е неспорно чин што треба да се поздрави затоа што не се случува често во новите демократии. Факт е дека тој се повлекува кога неговата партија е на власт, а тоа е дијаметрално спротивна ситуација од 2017-та, кога не можевме да изведеме мирна транзиција на власта при оформено парламентарно мнозинство, што директно ги испровоцира настаните од 27 април, најголемиот срам за македонската демократија во историјата“, истакна Пендаровски.
Сакале или не, како што посочи претседателот, политиката е дел од нашите животи, но, никогаш не смее да стане целиот наш живот. –
Според него, кога човекот ја наоѓа смислата на своето постоење само во политичката моќ и владеењето со другите, кога доаѓањето и останувањето на власт е единствената кауза во нечиј живот, тоа ја отвора ширум вратата за конфликти и поделби меѓу луѓето.
Претседателот Пендаровски забележа дека малкумина останавме да живееме во татковината, дека сме поделени по многу основи, и дека нови делби не смееме да дозволиме. Претседателот на крајот од обраќањето им посака на сите во 2022-та да имаат здравје и конечно да ги оставиме зад себе разговорите за вакцини, маски, карантини, изолација едни од други.