На речиси педесет степени огромни колони возила на Богородица чекаат за влез во земјата. Метежот е на нашата граница.
„Грчката страна се минува за кусо време, но нашата граница не можеме ни да ја видиме. Веќе изминува втор час како чекаме за влез кај нас и што сѐ не видовме. Се пропуштаат возила, трчаат цариници и полицајци им креваат рампи, а ние другите сме принудени да чекаме на пеколот. Колоната буквално како да не мрда, само нови и нови автомобили се редат. Целиот меѓуграничен простор е блокиран“, се пожалија скопјани заглавени на меѓуграничниот простор.
Од Министерството за внатрешни работи за „Макфакс“ велат дека застој нема, а чекањето е поради зголемениот број на домашни и странски туристи.
„На граничниот премин Богородица отворени се пет ленти за излез од државата и пет ленти за влез во државата. Во моментот зголемен е бројот на домашни и странски туристи на ГП Богородица. Од страна на МВР се преземаат сите мерки и во функција се ставени сите човечки и технички капацитети за да се забрза протокот на патници, се разбира, со спроведување на задолжителните гранични проверки“, велат од МВР.
Метеж има и за излез од земјата на граничниот премин Богородица, но колоните возила се неспоредливо помали од оние што чекаат да влезат во Македонија.
Текстот (Видео) По два часа се чека на Богородица за влез во земјата, МВР уверува дека во функција се ставени сите човечки и технички капацитети е превземен од МАКФАКС.