(Видео) По „Титаник“ СДСМ бара оставки од Мицкоски, Милошоски и Јанушев

пред 3 години

Признавањето вина на поранешните високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ, за случајот „Титаник“ е потврда за сите изборни измами, притисоци врз граѓаните, уцени и страв кој го сееше режимот, изјави на прес-конференција Костадин Ацевски, член на Извршниот одбор на СДСМ.

Според него, ова јавно признание на луѓе од врхушката на ВМРО-ДПМНЕ значи дека партијата со години ја газела волјата на граѓаните, а сите изборни циклуси во нивна организација биле нелегитимни.

Тој рече дека голем проблем е што во Извршниот комитет на Мицкоски и во пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ се’ уште има лица за кои има повеќе обвиненија, а тие треба да си поднесат оставки и да се повлечат.

„Таков е Антонио Милошоски, кој е член и на Извршниот комитет, таков е Игор Јанушев. Поголем проблем е што останатите инволвирани во овој случај сеуште не ја признаваат вината а очигледно е дека се длабоко инкриминирани. Како Илија Димовски кој секојдневно настапува во име на партијата. Христијан Мицкоски, кој беше советник на Груевски и негов генерален секретар треба да излезе пред граѓаните и јавно да им се извини. Итно мора да поднесат оставки сите кои се на било кој начин поврзани со овие веќе осудени лица кои сами признаваат вина. Оваа шминка и паничните соопштенија во кои се дистанцираат од своите сопартијци е очаен обид да се иземат од одговорност“, рече Ацевски.

СДСМ го повика Христијан Мицкоски, заедно со раководството да си поднесат оставки и да се повлечат. По вчерашните признанија, рече Ацевски, ги повикуваме сите останати од овој случај но и другите осудени во други случаи да понесат одговорност и признаат вина како нивните колеги. Тоа е добро за демократијата, за партијата и конечно за граѓаните.

СДСМ побара и итно да прекинат со притисоци врз судството кои постојано ги прават со цел се спасат од прогон или ги намалат казните.

Според влдадејчаката партија, додека ВМРО-ДПМНЕ вистински не се реформира ќе остане истата партија која ја киднапирала државата.

Ацевски апелира на брза и ефикасна истрага за сите случаеви од поранешни политичари без разлика дали станува збор за оние од власта или опозицијата.