(Видео) Сајкоски: Од овој Конгрес веруваме дека ќе излеземе пообединети и дека ќе донесеме одговорност

пред 3 години

Денес ВМРО-ДПМНЕ ќе го одржи 17-тиот редовен Конгрес. На Конгресот ќе земат учество и поканети се 517 делегати. До Конгресот има доставено една кандидатура од страна на Христијан Мицкоски, досегашниот претседател на партијата, информира Ѓорѓија Сајкоски, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ.

Најави дека покрај изборот на претседател на партијата, Конгресот ќе донесе и акт, политички документ, доктрина која ќе биде платформа за идни делувања на ВМРО-ДПМНЕ.

По изборот на претседател на Конгресот, ќе биде избрана и статутарна комисија и комисија за надзор и финансиско работење на ВМРО-ДПМНЕ, рече Сајкоски.

„Од овој Конгрес веруваме и сигурни сме дека ќе излеземе уште пообединети, уште посилни и ќе донесеме нови победи на ВМРО-ДПМНЕ и на Македонија. Ние гледаме дека изминатиов период државата е во тешка економска, социјална и здравствена, но и енергетска криза којашто оди на штета на граѓаните. И покрај тоа нема никаква одговорност. Ние ветуваме дека ќе донесеме одговорност, ние ветуваме дека следниот период ќе се бориме да ја направиме Македонија подобра држава за живеење“, истакна генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ.

„Во самата доктрина, имаме понудено, прва тема е тоа како да останат граѓаните на Македонија тука во нашата држава, да работат, да не заминуваат во странство и да можат да ја гледаат својата иднина тука“, додаде Сајкоски.