(Видео) Шилегов тврди дека најмногу го развил Скопје, Петровска најавува победа над урбанистичката мафија

пред 3 години

Петре Шилегов, актуелен градоначалник и кандидат од СДСМ, смета дека Град Скопје немал развој во изминатите 27 години се до неговото доаѓање.

Тој вели дека на градот му треба концепт, а не експерименти.

Според Шилегов, програмата која сега ја нуди на скопјани во следните четири години, доколку победи на изборите, ќе биде целосно реализирана и додаде: „немаме поинаква алтернатива, освен да го доразвиеме инфраструктурно градот“.

Тој очекува сигурна победа на изборите, дури и во првиот круг.

„На многумина кои се кандидираа на почетокот на кампањата, веројатно во меѓувреме им стана јасно дека водењето на Скопје не е едноставна работа, туку е работа која се базира на сериозни планови за да има квалитетна реализација. Градот Скопје не е попис на желби, туку сериозен организам со динамика. Веројатно дека кандидатката на ДПМНЕ и Мицкоски, се соочува со таа реалност бидејќи од ден на ден, колку што успеав да видам, нејзините прес-конференции повеќе личат на отчет на одработеното од моја страна во изминативе четири години, отколку на нешто што е реална понуда до скопјани“, рече Шилегов прашан за мислење зошто неговите противкандидати одбија дебата со него и Ана Петровска, кои ја прифатија поканата.

Приоритетите на Ана Петровска од Зелен хуман град е враќање на моќта од урбанистичката мафија кај граѓаните, решавање на проблемите со управувањето со отпад за кое смета дека нема каде да се рециклира од страна на граѓаните.

Таа посочи дека има и план за скопјани да дишат чист воздух без да слушаат оправдување дека тоа не е надлежност на Градот, а понуди и проекти за енергетска ефикасност.

За проектот „Скопје 2024“ смета дека сега не може да биде фокусот за трошење пари, а го оцени како: „архитектонско, урбанистичко, социјално и културолошко промашување, кое не смеело да му се случи на градот и ние размислуваме како овие габаритни објекти кои се ставени на погрешно место да се вклопат во живеењето, за барем да не пречат визуелно“.

„Скопје е пред крстопат, кога градот треба да го водат стручни, чесни и посветени луѓе, кои можат да ги разберат процесите, оние ги биле негативни, не се оправдуваат со ненадлежност бидејќи доста сме го виделе тоа низ институциите. Има можности градот да соработува со други институции, со локалните власти за да го направи градот подобар, за да обезбеди хумано урбанистичко планирање, да ги реши прашњата околу управувањето со цврстиот отпад. Важна работа е и тоа што градот не е доволно транспарентен. Градот своите политики не ги дискутира со граѓаните. Не знам зошто е тоа така, ние ветуваме да имаме 46 советник, една алатка, за прибирање на барањата на граѓаните, буџетски форуми..“, кажа Петровска.