Владата претставена од министерот за информатичко општество и администрација, Јетон Шаќири и од советникот на премиерот за труд и социјална политика, Милан Живковиќ, денеска разговараше со претставници на Сојузот на синдикати и граѓанските синдикати што членуваат во него, а во врска со синдикалните барања за повисока минимална плата, потребата од конечно воведување на недела како неработен ден, правото на исплата на регрес за годишен одмор, односно К-15 за јавниот сектор и за општиот колективен договор за приватниот сектор.
Владините претставници ги изнесоа политичките позиции за унапредување на правата и статусот на работниците без разлика од кој сектор доаѓаат и уште еднаш ги потенцираа заложбите за најбрзо обезбедување на денот недела како неработен за сите работници кои имаат потреба од остварување на тоа право, како и за покачување на минималната плата до 18.000 денари најбрзо што може во 2022 година, а со цел покачување до 20.000 денари до крајот на мандатот.
Во тој контекст, Владата и синдикатите се согласија работна група да ги прибере сите потребни податоци со цел детална разработка на можните оперативни решенија за зацртаните социјални цели, најдоцна до 20 јануари 2022 година.