Првиот заменик-претседател на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ денес ја предводеше владината делегација по повод одбележувањето на депортирањето на Евреите од Македонија.
На денешен ден се одбележуваат осумдесет и една година од грозоморните дела на окупаторите, кои собрале над 7.200 луѓе, мажи, жени и деца Евреи од цела Македонија. по што следувала депортација во логорот на смртта во Треблинка, стои во владиното соопштение.
„Околу 7.200 луѓе биле биле собрани и испратени во логорот Треблинка, каде што биле веднаш убиени во гасните комори во логорот.
Сеќавањето на овие ужасни, нехумани и брутални убиства служи како симбол на издржливоста на човечкиот дух наспроти неволјата. Тоа е доказ за трајната борба за надеж, слобода и помирување.
Со оддавањето почит ја потврдуваме нашата посветеност на борбата против омразата, фанатизмот и угнетувањето во сите нејзини форми. Високата морална одговорност е солидарност со оние што страдале и кои продолжуваат да страдаат поради прогон и дискриминација.
Во чествувањето на овој ден, во спомен на жртвите со надеж дека такви злосторства никогаш повеќе нема да се случат, да се стремиме кон иднина изградена на толеранција, разбирање и почит кон целото човештво“, посочуваат владините служби.
Денешниот настан е дел од тридневната комеморативна програма 1943-2024 во организација на Еврејската заедница во државава и на Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија, што се реализира со слоганот „Сеќавање – 11 март, холокаустот на македонските Евреи“. На комеморацијата на депортираните Евреи од Македонија и паднатите борци во НОБ учествуваа и претставници од Собранието на Република Северна Македонија, како и претставници од Еврејската заедница.
Текстот Владина делегација положи цвеќе и оддаде почит пред спомениците на депортираните македонски Евреи и на паднатите борци во НОБ е превземен од МАКФАКС.