Тоа е уште една груба манипулација и навистина, јас сум шокиран од тоа што на сметките од компанијата што ги наплаќа од граѓаните средствата стои оваа груба невистина дека Владата субвенционира одреден процент, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање.
Мицкоски потенцира дека не е точно оти сметките на граѓаните се субвенционираат и апелира да престанат да ги злоупотребуваат сметките за политички маркетинг на Владата.
„Јас апелирам до таа компанија да престане да ги злоупотребува своите сметки за политички маркетинг на Владата бидејќи тоа не е точно. Тоа е исто како да ги прашате граѓаните во Саудиска Арабија или во Обединетите Арапски Емирати или во некои држави каде што се произведува нафта зошто имаат најевтина нафта. Тоа некако така би му дошло“, рече тој и додаде:
„Поголема глупост немам слушнато бидејќи, граѓаните во Македонија, плаќајќи ги задолжувањата на Владата преку изградба на производните капацитети во Македонија, без разлика дали се тоа хидроцентрали или термоцентрали, практично се тие што си овозможиле овие производни капацитети да произведуваат електрична енергија, која во моментот според Евростат и според сите, морам да признам, дека во регионот е најголема“.
Претседателот Мицкоски истакна дека овој тип на лажно политиканство набргу ќе се ревидира укажувајќи дека идната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ има намера да се однесува чесно спрема своите граѓани.
„Така што овој тип на злоупотреба, набргу по формирањето на новата влада, ќе биде ревидиран и идната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ има намера да се однесува чесно спрема своите граѓани, а не со вакви лажни политиканства и флоскули“, заклучи Мицкоски.
Текстот „Груба лага е дека Владата субвенционира одреден процент за струја на сметките на граѓаните“, вели Мицкоски е превземен од МАКФАКС.