Двајца полицајци од затворската полиција не ги испочитувале протоколите на затворот „Скопје“ во Шуто Оризари при вчерашното ослободување од притвор на ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков.
Директорот на затворот, Филип Андов уште вчеравечер поведе постапка за утврдување одговорност.
Биле преземани низа постапки, а неофицијално, прегледувани и снимките од надзорните камери на затворскиот влез.
Андов вели дека е утврдена одговорност, која доаѓа откако еден од службениците истурка новинарски екипи и ги попречи во работата во моментот кога Мијалков го напушташе затворот.
„Ќе се поведе дисциплинска постапка за двајца службеници од затворска полиција поради непочитување на протоколите за спроведување на притворено/осудено лице до предно стражарско место капија односно рампа. Потврдено дека протоколот е прекршен и се постапувало вон истиот“, посочи Андов.
Ова значи дека затворските полицајци не смееле да ја напуштат капијата на затворот и дека нивната надлежност за спровод на Мијалков завршила кога тој ја напуштил затворската капија.
Затворските полицајци немаат право да ги носат притворениците до приватен автомобил надвор од затворската капија, ниту пак, да преземаат било какви службени дејства надвор од кругот на затворот.
Полицаец вработен во затворот „Скопје“ вчера истурка новинари и сниматели од „А1он“ и „Клан“, со што ги попречи во вршењето на својата работа.
Тој во време кога ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков излегуваше од капијата на затворот, излезе пред него, па со викање и туркање ги тргна микрофоните на новинарите кои поставуваа прашања.