Зајкова: Забрзана ЕУ-интеграција е клучот за иднината на Македонија

Зајкова: Забрзана ЕУ-интеграција е клучот за иднината на Македонија

пред 8 месеци

Придобивките од членството во ЕУ значително ги надминуваат сегашните предизвици, а промоцијата на либералните вредности и на демократските стандарди останува врвен приоритет за партијата, рече претседателката на Либерално-демократската партија, Моника Зајкова, во рамките на панел-дискусијата „ЕУ-интеграции – Кој е следниот чекор?“, организирана од Либералниот институт – Скопје.

Покрај Зајкова, говорник на панел-дискусијата беше и Бо Мандеруп Јенсен од Данска, искусен политичар со работа во институциите на ЕУ, а моментно е претседател на бордот на директори на данската програма за либерална демократија.

Зајкова во своето излагање посочи дека ЛДП е континуиран поддржувач на забрзаната европска интеграција на Македонија. Таа истакна дека државата е веќе длабоко вкоренета во процесот на приближување кон ЕУ.

„Соочени сме со многубројни предизвици вклучувајќи ја и потребата за значителни реформи во јавната администрација и правосудството, а државата треба да се фокусира и на имплементација на 40 препораки од ОБСЕ и ЕУ, кои новата влада треба да ги усвои и спроведе“, рече Зајкова.

Како што посочи, соработката со либералите во ЕУ е клучна за напредокот на Македонија.

Мандеруп Јенсен во својот говор сподели детали од историјата на Данска и нејзините дебати во врска со членството во ЕУ, кои траеле долги 15 години.

„Процесот на интеграција во ЕУ е сложен и бара исполнување 35 поглавја, но тоа е предизвик што носи многу придобивки за вашата земја“, истакна тој.

Според него, инвестирањето во ЕУ-членство носи многу повеќе корист отколку загуба, објаснувајќи дека иако Данска не е дел од еврозоната и сè уште ја користи својата валута, таа има солидна монетарна независност.

ЛДП е активен член на АЛДЕ од своето основање и е препозната во Европскиот парламент, што е голема предност во лобирањето за исполнување на стратешките интереси.

Заклучокот од оваа панел-дискусија е тоа што придобивките од членството во ЕУ значително ги надминуваат сегашните предизвици, а промоцијата на либералните вредности и демократските стандарди останува врвен приоритет за партијата.

Овој настан јасно покажува дека политичките и економските лидери се подготвени да ги водат своите земји кон подлабока европска интеграција, со што се обезбедува стабилност, напредок и унапредување на демократските вредности на Балканот.

Текстот Зајкова: Забрзана ЕУ-интеграција е клучот за иднината на Македонија е превземен од МАКФАКС.