Премиерот Димитар Ковачевски денеска се сретна со Мустафа Шентоп, претседател на турското собрание.
Како што информираат од владината прес-служба, соговорниците оцениле дека државата се грижи за сите граѓани подеднакво, дека Северна Македонија е пример како граѓани од различни култури, вери и етнички заедници можат да живеат заедно во една држава.
Шентоп посочил дека Турција ја поддржува Северна Македонија што поскоро да ги почне преговорите со ЕУ, со надеж дека тоа ќе се случи во најскоро време.
„Евроинтеграциите на Северна Македонија се од големо значење за стабилноста на регионот, но и пошироко“, нагласил тој.
Во однос прашањето со Бугарија, премиерот Ковачевски потенцирал дека решение е можно ако двете страни се посветени на достоинствени разговори базирани на европските вредности и во духот на меѓусебно почитување.
Во однос на ситуацијата во Украина, македонскиот премиер посочил дека нашата држава продолжува со политиките коишто се целосно на линија на ЕУ и на НАТО.
На средбата било констатирано дека развојот на односите помеѓу Северна Македонија и Турција продолжуваат да се развиваат, а тоа го покажува и растот на трговскиот обем во 2021 година, како и тоа што турски компании се меѓу најголемите инвеститори во земјава.